Утрински Весник
Скопје

Град Скопје разреши и именува 117 членови на Управни одбори, СДСМ обвинува за нетранспарентност

Screenshot 2026 01 30 095257.jpg

Градските советници на вчерашната седница на Советот на Град Скопје расправаа, а потоа разрешија и именуваа вршители на должност членови на управни и надзорни одбори на јавни претпријатија и јавни установи, без притоа да располагаат со какви било податоци за нивната стручност и професионална подготвеност.

Станува збор за вкупно 117 лица, од кои околу 20 веќе биле дел од одборите во претходниот мандат. Советниците, како што беше посочено, гласале само врз основа на имиња, без доставени биографии или информации за образованието и искуството на кандидатите.

Координаторката на советничката група на СДСМ, Катерина Цаневска Арсовска, истакна дека ваквата постапка е неприфатлива и спротивна на принципите на транспарентност.

„Треба да гласаме за 117 членови на управни и надзорни одбори, а ние не знаеме кои се тие луѓе, освен нивните имиња. Не бараме матични броеви или број на кондури, туку информации за тоа што имаат завршено и како можат да придонесат во работата на претпријатијата и установите. Мора да имаме нивни биографии“, изјави Цаневска Арсовска.

Таа потсети дека градоначалникот Орце Ѓорѓиевски во предизборната кампања ветувал транспарентност, но дека актуелните одлуки се спротивни на тие ветувања. Според неа, ваквиот начин на гласање покажува во која насока ќе работи Советот во овој мандат, оценувајќи дека сите предлози од градоначалникот и од Град Скопје се прифаќаат без критичка расправа од страна на советниците од ВМРО-ДПМНЕ и коалициските партнери.

Од СДСМ посочија и дека биографиите за избраните членови биле доставени само до надлежните комисии на Град Скопје, а не и до советниците, со образложение дека содржеле лични податоци.

Советничката Штерјова обвини дека меѓу предложените кандидати има партиски членови на ВМРО-ДПМНЕ, донатори на партијата, како и лица со семејни врски со високи партиски функционери.

„Кандидати за советници, партиски членови, донатори, фамилијарни врски и цели партиски фамилии вдомени во државни институции – дали овие лица се поставени за јавните претпријатија да служат за партиската агенда, а не за интересите на граѓаните?“, праша Штерјова, оценувајќи дека станува збор за оддолжување кон партиските штабови, а не за кадровски решенија водени од јавниот интерес.

Од друга страна, градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, ги отфрли обвинувањата за партизација, тврдејќи дека при носењето на одлуките никогаш не се води од партиски интереси.

„Јас никогаш партијата не ја ставам пред интересите на граѓаните. Сите кандидати имаат професионално и стручно искуство и уверен сум дека ќе придонесат во решавањето на проблемите во јавните претпријатија“, изјави Ѓорѓиевски.

Можете да прочитате

Утре во Скопје посебен режим на сообраќај

Општините Битола и Аеродром најтранспарентни, Охрид единствена општина што не одговорила на барањата

Случај комуналии и долгови во Гази Баба: Наследен долг или произведена камата?