
Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Министерството за внатрешни работи пресече транспорт на голема количина наркотична дрога и лиши од слобода три лица од Скопје, информираат од МВР.
Како што соопштуваат од полицијата, на 27 јануари 2026 година до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) е поднесена кривична пријава против М.З. (37), И.Б. (61) и Г.Б. (59), сите од Скопје, поради основано сомнение дека сториле кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ по член 215 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Според истрагата, на 26 јануари 2026 година, првопријавениот М.З. од лице од Струга купил товарно возило „опел комбо“ со швајцарски национални ознаки, во кое заедно со И.Б. сместиле марихуана. Потоа го контактирале Г.Б. со цел возилото да биде шлепувано од Струга до Скопје, за што му понудиле надомест од 200 евра, бидејќи возилото не било во возна состојба.
Откако пристигнале во Скопје, М.З. и И.Б. побарале од Г.Б. за дополнителни 40 евра да продолжи со транспортот до Свети Николе, движејќи се зад патничко возило „мерцедес“ во кое тие се превезувале.
На регионален пат во близина на Свети Николе, полициските службеници, кои претходно располагале со оперативни информации за транспорт на поголема количина дрога, го запреле товарното возило „ивеко“ кое го шлепувало возилото „опел комбо“.
При извршениот преглед на задната клупа и багажниот простор на возилото „опел комбо“, пронајдени се осум патни торби со вкупно 50 пакувања марихуана.
По извршеното вештачење во Одделот за форензички испитувања при МВР, утврдено е дека запленетата дрога тежи околу 150 килограми марихуана.
Приведените лица се предадени на надлежните органи, а против нив ќе се води понатамошна постапка.

