Утрински Весник
Македонија

Левица: Власта одби да ѝ даде ингеренции на министерката за енергетика – не помина законот за укинување на РКЕ

Levica.jpg

Соопштение за јавност на Левица:

Владеачкото мнозинство на ДПМНЕ – ЗНАМ – ВРЕДИ денес не го изгласа предложениот закон од Левица за укинување на Регулаторна комисија за енергетика, со кој се предвидуваше префрлање на сите нејзини инеренции на Министерството за енергетика со што би се воспоставила директна политичка одговорност за цените на енергенсите.

Пратеникот од Левица, Амар Мециновиќ, во своето излагање оцени дека енергетската сиромаштија не е личен, тукун политички проблем и резултат на институционални решенија кои не го штитат јавниот интерес. „Ова е политичко фијаско. Не е ничиј личен неуспех ако не може да ги плати сметките на крајот на месецот. Тоа е структурна неправда”, рече тој.

Обраќајќи му се на претседателот на Собранието и на пратениците, Мециновиќ потсети дека на минатата седница министерката за енергетика изјавила дека нема доволно ингеренции за да реагира на ценовните шокови.

„Ајде денес да му дадеме ингеренции на Министерството за енергетика. Ајде да му дадеме политичка одговорност”, побара пратеникот.

Според Мециновиќ, паралелно постоењето на Министерство за енергетика и РКЕ создава институционално дуплирање, а никој не одговара за високите сметки. „Не може да имаме две институции, а кога ќе се зголемат сметките никој да не е одговорен”.

Како поткрепа за предложениот закон со кој треба да се укине РКЕ Мециновиќ наброја низа пропусти на регулаторот, нагласувајќи дека оваа комисија не само што не го штити јавниот интерес туку и директно работи во полза на крупниот капитал. Според него РКЕ не ја штити јавната сопственост и државната енергетска компанија ЕСМ, која бележи рекордни долгови; дозволува ЕСМ да продава електрична енергија по цена од 65 евра за мегават-час што е под производната цена, додека приватни компании остваруваат рекордни профити; овозможува паушално фактурирање и наплата без месечно отчитување; никогаш јавно не ги објаснила формулите и коефициентите за пресметка на цената на електричната енергија; работи со недемократски статут кој им забранува на членовите јавно да дебатираат, а јавноста слуша само став на претседателот; ги менува цените на нафтените деривати во корист на приватниот капитал, а не на граѓаните; дозволува инвестиции на приватни инвеститор да се префрлаат како трошок во цената на струјата; никогаш не ја отворила јавно темата за загубите во дистрибутивната мрежа; издава дозволи за фотоволтаици без обезбедени компензациски капацитети, што довело до колапс во електроенергетскиот систем и воведе паушална мрежарина за домаќинствата со која граѓаните плаќаат и кога не трошат.

„Со паушалната мрежарина, шест илјади домаќинства плаќаат околу 200 денари месечно, што значи стотици милиони евра добивка за приватниот оператор без реална потрошувачка”, рече Мециновиќ.

Левица со предлог – законот бараше целосно укинување на РКЕ и префрлање на нејзините ингеренции под Министерство за енергетика, со цел Владата и министерката за енергетика да бидат директно отчетни пред Собранието и граѓаните.

„Доста е од сиви еминенции. Ако денес одбиете политичка одговорност таа ќе ви се враќа преку секоја следна сметка”, порача Мециновиќ.

Сепак законот не добио поддршка од владеачкото мнозинство кое си остана доследно кон спроведување на интересите на крупниот капитал и бизнисите.

Можете да прочитате

Рокас: Вратата на ЕУ е отворена, потребно е внатрешно обединување за забрзување на реформите

Пронајден починат маж во хотел во Маврово

Тошковски – Кочиу: Зајакнување на билатералната соработка, One Stop систем и со Албанија и нов Центар за полициска и царинска соработка