Утрински Весник
Македонија

Селами најавува промени, враќање на довербата и кадровско зајакнување на Народниот правобранител

602389693 1456207175868800 6206876792803849114 n.jpg

Новоизбраниот народен правобранител, Фатон Селами, денеска даде свечена изјава пред претседателот на Собранието, Африм Гаши, по повод стапувањето на функцијата, најавувајќи враќање на довербата во институцијата, соработка со сите релевантни чинители и кадровска екипираност.

Претседателот Гаши му ја честита функцијата на Селами, посакувајќи му успех и нагласувајќи дека институцијата треба да работи во служба на граѓаните, без разлика на етничката, религиската или партиската припадност.

– „Да им се заблагодарам на сите пратеници, вклучително и од немнозинските заедници, кои застанаа за деблокирање на функцијата народен правобранител. Важно е да работиме отворено, преку дијалог и со решенија во интерес на сите граѓани“, изјави Гаши.

Селами истакна дека ќе работи професионално, непристрасно и со највисока посветеност кон граѓаните, со цел враќање на довербата во институцијата.

– „Приоритет ни е кадровска екипираност на Народниот правобранител. Институцијата е кадровски преполовена, а нè очекува избор на осум заменици. Постојат и предлог-закони за измени и дополнувања на Законот за Народниот правобранител, кои ќе ги разгледаме со стручните служби и со Собранието во најбрз можен рок“, нагласи Селами.

На новинарско прашање за немањето слух кај другите институции, Селами потенцира дека измените на Законот ќе овозможат и изрекување прекршоци, додека во меѓувреме единствена алатка остануваат медиумите и јавниот укор.

Фатон Селами доаѓа на местото на поранешниот народен правобранител Насер Зибери, кој го заврши мандатот на 12 јули 2025 година. Новиот омбудсман е дипломиран правник и магистер по правни науки, со положени правосуден и нотарски испит.

Мандатот на народниот правобранител трае осум години, со можност за повторен избор според Законот и процедурите на Собранието.

Можете да прочитате

Синдикатот на културните работници со повик за протестот во среда

Ѝ ја зел картичката и си извадил 500 евра

Села го оспори „Безбеден град“ пред Уставниот суд