
Светски познатиот американски алпинист Алекс Хонолд повторно го помести лимитот на човечката издржливост и храброст. Во неделата тој го искачи облакодерот „Тајпеј 101“ – една од највисоките згради во светот – без јажиња и без каква било заштитна опрема.
Кулата висока 508 метри ја совлада за околу 90 минути, додека илјадници луѓе на улиците на Тајпеј и гледачи преку директен пренос го следеа подвигот со мешавина од воодушевување и страв. Облечен во својата препознатлива црвена маица, Хонолд се движеше сантиметар по сантиметар по фасадата на зградата – без право на грешка.
Искачувањето било технички исклучително сложено. Хонолд користел мали архитектонски испакнатини како потпора, се движел по аглите на објектот и на неколку места морал да маневрира преку големи декоративни структури, потпирајќи се исклучиво на силата на рацете. Дополнителен предизвик претставувале и временските услови – подвигот бил одложен еден ден поради дожд, а на самиот врв силниот ветер сериозно ја отежнувал рамнотежата.
„Беше неверојатна глетка… дуваше силен ветер и си повторував само едно – не паѓај од врвот“, изјави Хонолд по искачувањето. Тој додаде дека поддршката од публиката му дала чувство дека подвигот е „посвечен“ и помалку застрашувачки.
Иако францускиот алпинист Алан Роберт – познат како „Спајдермен“ – го искачи „Тајпеј 101“ уште на отворањето во 2004 година, Хонолд е првиот што тоа го направи во free solo стил – без јажиња, без осигурување и без резервна опција.
Настанот предизвика и дебати во јавноста за тоа дали етички е оправдано вакви екстремно ризични подвизи да се пренесуваат во живо, но едно е сигурно – Алекс Хонолд уште еднаш влезе во историјата.

