
Утре напладне околу 370 товарни возила ќе ги блокираат сите гранични премини во државата, со што ќе биде целосно запрен товарниот сообраќај кон Европската унија и транзитот низ регионот. Ќе се пропуштаат само камиони што превезуваат лекови, жива стока, експлозиви и муниција.
Причина за протестот е новиот систем за влез и излез во земјите од Шенген зоната, со кој на камионџиите од Западен Балкан им се ограничува дозволениот престој. Превозниците најавуваат дека блокадите ќе траат седум дена, но се подготвени веднаш да ги прекинат доколку Европската унија започне преговори за надминување на проблемот.
„Ако уште првиот или вториот ден се испрати сигнал дека ќе има средби со надлежните институции за изнаоѓање решение, веднаш ќе ја прекинеме блокадата. Не сакаме да нанесуваме штета ниту на себе, ниту на стопанството. Во спротивно, ќе се соочиме со префрлање на капиталот во земји од ЕУ, што може да доведе до колапс на целото стопанство“, изјави Билјана Муратовска од транспортната асоцијација „Макам-Транс“.
Превозниците предупредуваат дека доколку Унијата не најде начин за надминување на проблемот, тоа ќе значи сериозен удар за економиите на Западен Балкан. Трошоците за транспорт повеќекратно ќе се зголемат, а со тоа и цените на производите.
Освен македонските превозници, блокади на граничните премини ќе организираат и транспортерите од Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина. Патничките автобуси и автомобилите нема да бидат засегнати од мерките.


