
Во земјава бележи загрижувачки пораст бројот на заболени од рак на грлото на матката, при што најмладите пациентки се на само 18-годишна возраст, а просечната возраст на заболените е околу 55 години. Ова беше истакнато на настанот по повод Неделата за подигнување на свеста за борбата против ракот на грлото на матката, организиран од Македонското лекарско друштво и Македонското здружение за цервикална патологија и колпоскопија.
Според најновата клиничка епидемиолошка статистика на Клиниката за радиотерапија и онкологија, во 2025 година дури 122 пациентки првпат се јавиле со оваа дијагноза, за разлика од 2024 година кога биле евидентирани 74 нови случаи.
Претседателот на Македонското лекарско друштво и на Здружението за цервикална патологија и колпоскопија, проф. д-р Горан Димитров, истакна дека Светската здравствена организација препорачува ХПВ тестот да стане примарна метода за скрининг од 2030 година, бидејќи е попрецизен, посензитивен и финансиски поисплатлив. Тој нагласи дека здравствениот систем има стручен кадар и капацитет за имплементација на ваков пристап.
Директорката на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство и претседателка на Комисијата за превенција на цервикален карцином, проф. д-р Ирена Алексиоска-Папестиев, посочи дека во периодот од 2016 до 2023 година биле дијагностицирани 2.263 пациентки, од кои 540, односно речиси 24 отсто, за жал починале, иако станува збор за целосно превентибилен карцином.
– Особено загрижува фактот што болеста се јавува кај сè помлади жени. Имаме примарна превенција, но мора да ја зголемиме свесноста кај јавноста и да го унапредиме скринингот, нагласи таа.
Раководителката на Одделението за малигни генитални тумори кај жената на Клиниката за радиотерапија и онкологија, проф. д-р Виолета Клисаровска, предупреди дека дури 70 до 80 отсто од пациентките се јавуваат во локално напредна фаза на болеста, кога лекувањето е најкомплексно и најскапо.
Националниот координатор за имунизација, проф. д-р Александра Грозданова, информираше дека од 2025 година во земјава целосно се користи деветвалентната ХПВ вакцина, која е воведена и за момчињата. Опфатот со вакцинацијата веќе достигнал околу 60 отсто, а на товар на државата се вакцинираат сите момчиња и девојчиња до 19-годишна возраст.
Според стручњаците, ХПВ вакцинацијата, редовниот скрининг и едукацијата се најмоќното оружје во борбата против ракот на грлото на матката и другите ХПВ поврзани заболувања.


