
По испитувањето на мострите земени од површинската вода во одводниот канал кај селото Таор, Институтот за јавно здравје потврди присуство на жива и сребро, објави СДК. Анализите биле направени по барање на АД „Водостопанство“, откако на 21 ноември минатата година од истиот канал се појави бела пена, што предизвика сомнежи за загадување.
Од Државниот инспекторат за животна средина информираат дека при контролите е утврден зголемен број на термотолерантни колиформни бактерии, како и зголемени концентрации на жива и нитрити изразени како азот, при што е регистрирано и присуство на сребро. Од Институтот за јавно здравје препорачуваат континуирано следење на нивото на жива, која претставува сериозна опасност за рибниот фонд и за здравјето на луѓето доколку се консумира загадена риба.
Инспекторатот посочува дека во одводниот канал се слеваат отпадните води од општините Гази Баба, Илинден, Арачиново и Петровец, при што дополнителен проблем претставува фактот што Скопје сè уште нема пречистителна станица за третман на отпадни води.
Според евиденцијата на Државниот инспекторат за животна средина, инцидентот е поврзан со активирањето на пумпите за отпадни води од системот на Скопско Поле, по што визуелно било утврдено можно сериозно хемиско загадување на реката Вардар.

