Утрински Весник
Македонија

Левица: Зетот на Изет Меџити именуван за директор на Агенцијата за стокови резерви

Levica.jpg

Левица информира дека за нов директор на Агенцијата за стокови резерви е назначен Бесим Кока, зет на доскорешниот вицепремиер и актуелен градоначалник на Чаир, Изет Меџети.

„Најновото именување на зетот на Изет Меџити, Бесим КОКА, за директор на Агенцијата за стокови резерви, е уште една коцка во мозаикот на отворен, дрзок и системски непотизам што го практикува актуелната власт на ДПМНЕ-ВРЕДИ-ЗНАМ.

Претходно, прв братучед на поранешниот прв вицепремиер, а актуелен градоначалник, Меџити, беше поставен за директор на МЕПСО. Друг негов братучед за директор на НОМАГАС, а сега и зетот добива раководна позиција во стратешка државна институција.

Институциите се претвораат во фамилијарна мрежа, а државата во приватен имот на политичко-роднински клан. Се поставува прашањето дали воопшто некоја роднина на Меџити остана “дискриминирана“, односно без раководна функција?

Мицкоски не само што функционира со кадри на ДУИ, туку ги практикува и со засилено темпо го надградува КЛАНОВСКО ВЛАДЕЕЊЕ, клиентализмот и распределбата на функциите како партиско-семејни привилегии.

За година и пол владеење, листата на непотистички и клиентелистички скандали на оваа власт веќе е предолга за набројување. Очигледно, времето за реформи им е кратко, но времето за плетење семејно-партиски мрежи – повеќе од доволно.

Пораката кон јавноста е понижувачка. Според оваа власт, од цела Македонија најспособни се токму роднините и апологетите на владејачката коалиција. Сите други, младите инженери, економисти, правници, лекари – се вишок, статистика, бројка во колоната на иселени. Тие си заминуваат не затоа што нема работа, туку затоа што однапред знаат дека системот не е наштиман за нив, дека вратите се отворени само за оние со соодветна крвна врска и потребна партиска линија“, велат од партијата.

Можете да прочитате

Продолжи судењето против таткото на Васил Јованов, одбраната со забелешки за изведувањето на доказите

Заврши интервјуирањето на кандидатите за членови на Комисијата за заштита од дискриминација

Судскиот совет му го одзеде имунитетот на апелацискиот судија Ѓоко Ристов, одобрен куќен притвор