
Дарко Митровиќ го фати светиот крстот што денеска, на празникот Богојавление Водици, беше положен во осветените води на Вардар.
Православните верници денеска го слават празникот Богојавление кој се одбележува уште од вториот век. На овој ден, според христијанското предание, Свети Јован Крстител го крстил Исус Христос во реката Јордан. Празникот се нарекува уште и Водици поради големиот водосвет што го извршува црквата на овој ден.
Скопската православна епархија при МПЦ-ОА го организира традиционалното осветување на водите на реката Вардар и чинот на положување на Чесниот крст.
Годинава се пријавија околу 160 граѓани да го фаќаат крстот во Вардар.
Одбележувањето на празникот Богојавление почна во 9 часот во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, каде што богослужеше поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, архипископот г. г. Стефан.
По завршување на литургијата, богојавленските литии заедно со свештенството во поворка се упатија кон мостот „Слобода“ кај хотелот „Холидеј Ин“, каде околу 12 часот поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, архипископот г. г. Стефан го спушти светиот и животворен крст во водите на Вардар.

