
Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) соопшти дека денеска извршил вонреден инспекциски надзор во ЈЗУ Општа болница со проширена дејност Кавадарци, постапувајќи по наредба на министерот за здравство. Надзорот е спроведен во врска со третманот и лекувањето на доенчето У.М. на Одделот за педијатрија, кое почина на 14 јануари. Од Инспекторатот информираат дека, со оглед на тоа што сè уште е во тек патоанатомската обдукција, конечната причина за смрт ќе биде утврдена по изготвувањето на официјалниот извештај.
Во рамки на своите надлежности, ДСЗИ извршил увид во медицинската документација и здравствената евиденција, при што било утврдено дека доенчето У.М., на возраст од два и пол месеци, родено во ЈЗУ УК за гинекологија и акушерство – Скопје, на 12 јануари било примено на педијатриското одделение во Кавадарци со упат од матичен лекар поради зачестени повраќања, односно четири до пет пати во текот на 24 часа, како и изразена поспаност. При приемот, доенчето било прегледано од специјалист педијатар, биле побарани биохемиски анализи и била поставена дијагноза R11 – гадење и повраќање. Како што наведуваат од ДСЗИ, детето било без покачена телесна температура, со висока сатурација, свесно и реагирало на дразби. Започната била инфузиона терапија, а за време на болничкиот престој било воведено и орално хранење со адаптирано млеко на секои два часа.
На 13 јануари 2026 година, состојбата на доенчето била стабилна и афебрилна. На 14 јануари била повторена анализата на урина, при што бил добиен уреден наод. На визитата одржана во 15:30 часот истиот ден, здравствената состојба била оценета како стабилна. Во 20:48 часот, дежурниот лекар бил известен од медицинската сестра на одделението и од мајката дека доенчето не дише, по што веднаш било префрлено во просторијата за интервенции. Таму била констатирана генерализирана цијаноза и веднаш била започната реанимација согласно протокол, во која учествувале педијатар и специјалист анестезиолог.
Реанимациските мерки траеле околу 40 минути, но без успешен исход. Во извештајот на анестезиологот како основна причина за смрт е наведена „ненадејна смрт на доенче“. Од ДСЗИ додаваат дека случајот бил разгледан и на стручен колегиум, како и од Комисијата за квалитет, при што до министерот за здравство е иницирано формирање комисија за стручен надзор.


