
Германскиот канцелар Фридрих Мерц на претстојната средба со сирискиот претседател Ахмед ал-Шара ќе отвори прашања поврзани со политичката транзиција во Сирија и можностите за враќање на сириските мигранти во својата земја, соопшти денеска портпаролот на германската Влада. Како што истакна портпаролот, Берлин има интерес за унапредување на односите со новата сириска Влада и за започнување нова фаза во меѓусебната соработка. „Постојат бројни значајни прашања што мора да се решаваат, а едно од нив е враќањето на Сиријците во нивната татковина“, изјави тој, пренесуваат британските медиуми.
Средбата меѓу Мерц и ал-Шара е закажана за вторник во Берлин. Британските медиуми потсетуваат дека пред една деценија, тогашната канцеларка Ангела Меркел, како конзервативна претходничка на Мерц, спроведуваше политика на „отворени врати“ кон бегалците. Во тој период, Германија прифати околу еден милион мигранти, меѓу кои и голем број Сиријци што бегаа од граѓанската војна. Во годините потоа, во Германија се зголеми поддршката за крајната десница, а Христијанско-демократската унија (ЦДУ), предводена од Мерц, усвои значително построг став во однос на контролата на границите и миграцијата, со ветувања за побрзи депортации на одбиените баратели на азил. И покрај тоа, стотици илјади Сиријци во Германија и понатаму имаат само привремени дозволи за престој.
Ова ќе биде прва посета на Ахмед ал-Шара на Германија откако тој и неговите исламистички борци го соборија поранешниот сириски претседател Башар ал-Асад во декември 2024 година. Во изминатиот период, сирискиот претседател реализираше низа меѓународни посети, во обид преодната влада да ги обнови односите со државите кои за време на владеењето на Асад го изолираа Дамаск. Сепак, напорите за реконструкција на Сирија по разорната граѓанска војна беа нарушени од неодамнешното насилство во Алепо, кое избувна откако курдските сили се спротивставија на обидите на исламистичката влада да ги стави своите борци под централизирана контрола.
Портпаролот на германската Влада нагласи дека и ова прашање ќе биде дел од разговорите со сириската страна. „Клучно останува прашањето на политичката транзиција – како таа ќе се одвива за сите општествени групи да можат безбедно да живеат и рамноправно да учествуваат во политичкиот и општествениот живот“, рече тој, додавајќи дека токму ова ќе биде една од централните теми на средбата.

