
Одлуката на САД да ја замрзнат обработката на иселеничките визи за македонските државјани не е техничка пауза, туку сериозен политички и институционален сигнал, оценуваат поранешни дипломати. Иако македонската Влада тврди дека станува збор за привремена мерка и најавува позитивни поместувања во наредните шест месеци, аналитичарите предупредуваат дека Македонија е на листата поради реален пад на довербата и слаб меѓународен рејтинг.
Поранешниот амбасадор Ристо Никовски смета дека одлуката на американската администрација воопшто не е изненадување и дека листата на 75 земји не е случајна.
Според него, мерката целосно се вклопува во рестриктивната имиграциска политика на администрацијата на Доналд Трамп, која е насочена кон спречување на влез на лица што би можеле да станат социјален товар.
„Американците одамна водат детални анализи за тоа од кои земји доаѓаат луѓе што ги злоупотребуваат визите – било преку продолжен престој, било преку користење социјална помош. Нашиот рејтинг на таа основа не е добар и тоа е факт“, вели Никовски.
Тој директно ја оспорува тезата за „специјални“ или „стратешки“ односи меѓу Скопје и Вашингтон.
„Се залажуваме дека имаме стратешко партнерство со САД. Тоа не постои во реална смисла. Имаме декларација без практична тежина, дадена како утешна награда по самитот во Букурешт. Ние сме партнер затоа што исполнуваме сè што ќе се побара од нас, но тие не се наш партнер“, оценува Никовски.
Според него, токму таа нерамноправност во односите е причината зошто Македонија се најде на листата, додека некои други држави од регионот, како Србија, се изземени.
„Никој не може да каже до кога ќе трае оваа мерка. Тоа зависи исклучиво од проценките на американските институции, а не од нашите очекувања или дипломатски изјави“, додава тој.
Сличен став има и поранешниот амбасадор Љупчо Арсовски, кој укажува дека американската амбасада и Стејт департментот континуирано ја следат состојбата во земјава.
Според Арсовски, масовното иселување, недовербата на граѓаните во институциите и недостигот од економска перспектива директно влијаат врз перцепцијата на Македонија како земја со висок миграциски ризик.
„Администрацијата испраќа јасен сигнал дека гледа проблем. Луѓето заминуваат затоа што не гледаат иднина дома, а тоа ги прави потенцијални кандидати за нелегален или продолжен престој во САД“, вели Арсовски.
Од 21 јануари, Стејт департментот ја суспендира обработката на имигрантски визи за 75 земји, меѓу кои и Македонија, на неопределено време. Целта, според официјалното образложение, е да се спречи влез на имигранти што би можеле да зависат од социјална помош и јавни фондови.
За разлика од оптимистичките најави на македонските власти, поранешните дипломати предупредуваат дека одлуката треба да се чита како предупредување, а не како техничка формалност – и дека нејзиното укинување воопшто не е извесно.

