
Во насока на зајакнување на надворешната трговија и унапредување на економската дипломатија, министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Република Северна Македонија, Тимчо Муцунски, денеска оствари работна посета на Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ.
Министерот Муцунски беше придружуван од Крум Ефремов, директор за економска и јавна дипломатија во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
На средбата со раководството на МАСИТ, на која присуствуваа претседателот на МАСИТ Јордан Димитровски, заменик-претседателот на Управниот одбор на МАСИТ Филип Петровски, членот на Управниот одбор на МАСИТ Дамјан Манчевски и директорката на Извршната канцеларија на МАСИТ, Елена Петрушевска, беа отворени повеќе прашања поврзани со унапредувањето на извозниот потенцијал на ИКТ-компаниите – членки на Комората.
Во насока на продолжување на веќе воспоставената соработка и претходната средба со Министерството, одржана пред неколку месеци, отвори пат за поинтензивно партнерство со МАСИТ и ја постави основата за идните заеднички активности насочени кон поддршка на македонските ИКТ-компании во нивната интернационализација.
Фокусот на разговорите беше ставен на можностите за организирање заеднички активности за извозна промоција на македонските ИКТ-компании, вклучително и организирање бизнис-форуми и деловни настани во рамки на официјални посети на владини делегации во странство. Воедно, беа разгледани и начините на кои дипломатско-конзуларните претставништва можат да обезбедат поддршка за компаниите – членки на МАСИТ при воспоставување контакти со странски партнери и настап на нови пазари.
Претставниците на МАСИТ ја поздравија иницијативата за интензивирање на соработката со Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, нагласувајќи дека координираната институционална поддршка е од клучно значење за зголемување на извозот и зајакнување на меѓународната конкурентност на македонската ИКТ-индустрија.


