Утрински Весник
Македонија

Македонскиот пазар без кадар – Работници од Бангладеш, Непал и Индија ја пополнуваат празнината

Whatsapp image 2026 01 12 at 15.58.32.jpeg

Вкупно 6.128 странски државјани добиле дозволи за привремен престој поради работа во Северна Македонија, што е за три и пол пати повеќе во споредба со пред пет години, кога вакви дозволи им биле издадени на 1.704 лица. Ова го покажуваат податоците што Радио Слободна Европа (РСЕ) ги доби од Министерството за внатрешни работи (МВР).

Според мислењата што Агенцијата за вработување ги издавала во периодот од 2020 година до денес, најголем интерес за ангажирање странска работна сила има во градежништвото, преработувачката индустрија, секторот за сместување и послужување храна, како и во трговијата на големо и мало. Најбројни меѓу странските работници се државјаните на Турција, но во последните години сè поголем е и бројот на работници од Непал, Бангладеш и Индија.

Покрај овие земји, меѓу државите чии државјани најчесто добиваат дозволи за престој поради работа, МВР ги наведува и Кина и Филипините.

Податоците од Агенцијата за вработување дополнително го потврдуваат растечкиот тренд. Само во 2025 година, заклучно со 29 декември, биле издадени вкупно 8.509 позитивни мислења за дозволи за работа. Во оваа бројка се вклучени и 798 лични работни дозволи за управители, менаџери и слични позиции. Овие мислења се дел од документацијата што МВР ја разгледува при одлучувањето за одобрување привремен престој.

За споредба, во 2020 година Агенцијата за вработување издала 3.227 позитивни мислења, што е повеќе од двојно помалку во однос на минатата година.

Со години, работниците од Турција се на првото место според бројот на издадени мислења. Во 2024 и 2025 година, во првите пет земји чии државјани добиле најмногу позитивни мислења влегоа и Непал, Бангладеш и Индија.

Лани, од вкупно 8.509 позитивни мислења, за турски државјани биле издадени 2.815. Следуваат Бангладеш со 1.567, Непал со 1.089 и Индија со 1.079 мислења, додека на петтото место се државјаните на Косово со 406.

Во претходните години, кога квотите и бројот на дозволи за странци биле значително помали, најзастапени биле работници од земјите од регионот, како Србија, Албанија и Косово.

Можете да прочитате

Хаос од паркирани возила во Дебар Маало – пожарникарите не можеа да интервенираат

Трагично згасна животот на младиот охридски снимател Кристијан Љушев

Саит Саитов уште како малолетник дивеел со „Пасат“ низ улиците (видео)