Утрински Весник
Македонија

Непознати кучиња со маркици од Албанија се појавија во Скопје вели Анима мунди

Kucinja glutnica.jpg

Здружението за заштита на животни „Анима мунди“ денеска упати апел до надлежните институции, барајќи темелна и независна истрага за, како што велат, сериозни индиции за организирано внесување и дислоцирање на кучиња во Скопје. Според здружението, оваа појава директно ја загрозува јавната безбедност, владеењето на правото и благосостојбата на животните.

Како пример, од „Анима мунди“ наведуваат дека во Општина Карпош во изминативе денови се појавила нова глутница непознати кучиња, нестерилизирани и необележани, кои според здружението не можат да се објаснат како природен прираст, туку како резултат на насилна дислокација. Некои од животните дури носеле ушни маркици од Република Албанија, што отвора сомнежи за нелегален прекуграничен транспорт.

„Бараме МВР и Јавното обвинителство да утврдат кој, како и од каде ги транспортира и истовара овие животни, затоа што ова не е изолиран чин, туку логистички организирана активност. Масовното напуштање и дислоцирање на кучиња претставува суровост, но и сериозна општа опасност“, истакнуваат од здружението.

Тие апелираат и за измена на законската рамка, со цел најстрого регулирање на сопствеништвото на кучиња и третирање на напуштањето на миленици како кривично дело, по примерот на Хрватска. „Ова е системска злоупотреба и мора да биде санкционирана. Бараме истрага, одговорност и итни мерки веднаш и насекаде“, додаваат од „Анима мунди“.

Од Општина Карпош велат дека ја следат состојбата и веднаш реагирале до Град Скопје и до ЈП „Лајка“. Екипите на „Лајка“ се на терен, при што се врши заловување и хуман третман на кучињата согласно законските процедури и стандардите за благосостојба на животните.

Скопјани на социјалните мрежи веќе споделуваат фотографии од зголемениот број улични кучиња, како на пример на тревник спроти „Сити мол“ во Карпош, што дополнително го потврдува алармот на здружението.

Можете да прочитате

Трагично згасна животот на младиот охридски снимател Кристијан Љушев

Саит Саитов уште како малолетник дивеел со „Пасат“ низ улиците (видео)

Андоновски: Министерството и Владата фокусирани на „Роаминг како дома“ – сите обврски исполнети до февруари