
Јавното сообраќајно претпријатие Скопје ги извести корисниците на јавниот превоз дека поради ниските температури и најавите за можни снежни врнежи во главниот град и околината, во наредните денови можно е привремено редуцирање на одредени автобуски линии.
Од ЈСП посочуваат дека поради евентуална непроодност на патиштата, дел од линиите ќе сообраќаат до локации кои ќе бидат оценети како безбедни и проодни, согласно проценките на надлежните служби.
Доколку не постојат услови за безбедно одвивање на сообраќајот, ЈСП Скопје ќе изврши дополнителни измени на режимот на сообраќај, за што јавноста ќе биде навремено информирана. Во услови на стабилно време, јавниот превоз ќе се одвива според редуцираниот делничен зимски возен ред, кој важи до завршување на зимскиот училиштен распуст.
Екипите на ЈСП Скопје, заедно со службите на Град Скопје и локалните самоуправи, ќе бидат континуирано на терен со механизација, со цел навремено и ефикасно обезбедување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот.
Од претпријатието нагласуваат дека целта на овие активности е превентивно делување и создавање услови за што понепречено функционирање на јавниот превоз.


