
Тајванските власти почнаа со проширување на одбранбените капацитети на клучната инфраструктура и енергетските објекти на островот, воведувајќи поостри мерки против беспилотни летала и зголемувајќи го домашното производство на муниција. Потегот доаѓа во време на засилен воен притисок од Кина и растечка неизвесност околу долгорочната поддршка на Соединетите Американски Држави за одбраната на Тајван. Вицепремиерката Ченг Ли-чун изјави дека земјата мора да биде „целосно подготвена“, особено поради ризиците од таканаречените „сиви зони на конфликт“. Тие, според неа, вклучуваат активности како упади со дронови, сајбер-напади и ограничени воени притисоци без формално започнување војна. Ченг нагласи дека преземените мерки се одговор на континуираниот притисок од Пекинг, но и на променливите пораки што доаѓаат од Вашингтон.
Загриженоста во Тајпеј дополнително се зголеми по изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп во интервју за „Њујорк тајмс“, во кое направи паралели меѓу Тајван и неодамнешните американски воени активности во Венецуела. На прашањето дали Кина го смета Тајван за „сепаратистичка закана“, Трамп одговори дека тоа е „на одлука на кинескиот претседател“, додавајќи дека би бил „многу незадоволен“ доколку Пекинг преземе конкретни чекори против островот. Иако Трамп изрази уверување дека кинескиот лидер Си Џинпинг нема да нападне или да воведе блокада врз Тајван за време на неговиот мандат, ваквите изјави во Тајпеј се доживуваат како недоволно цврста безбедносна гаранција, особено во услови на зголемена кинеска воена активност во регионот. Кина го смета Тајван за дел од својата територија и не ја исклучува можноста за употреба на сила со цел „обединување“. Во исто време, поголемиот дел од меѓународната заедница, вклучително и САД, формално не го признава Тајван како независна држава, но се противи на секоја насилна промена на постојниот статус-кво.
Во таа рамка, Вашингтон со години го снабдува островот со оружје и воена опрема. Од стапувањето на должност на тајванскиот претседател Вилијам Лаи Чинг-те во 2024 година, Пекинг значително го зголеми воениот притисок врз островот, со редовни воени вежби во неговата близина. За време на ланските маневри за симулирана блокада на Тајван, кинеската Народноослободителна војска изведе и пробни напади врз клучни енергетски постројки, што дополнително ги засили стравувањата од можна ескалација во иднина.


