Утрински Весник
Свет

Само три инспекции за 10 години: Сопственикот на барот во Кран-Монтана тврди дека ги исполнувал сите стандарди

Image 2026 01 02 112106501.png
Cevahir mall aerodrom pulsira vol 4 vfinal 300x300px baner

Сопственикот на барот „Констеласион“ во швајцарскиот зимски центар Кран-Монтана изјави дека инспекциските служби го прегледале неговиот објект само три пати во изминатите десет години и дека, според неговите зборови, „сè било направено според стандардите“.

Во изјава за швајцарскиот дневен весник La Tribune de Genève, 49-годишниот Жак Морети рече дека по трагедијата „не е добро“, додавајќи дека во моментот на настанот не бил присутен во барот. Неговата 40-годишна сопруга, која била таму, се здобила со изгореници на раката.

Морети бил испрашуван од полицијата како дел од истрагата за утврдување на околностите и можната одговорност за трагедијата. На денешната прес-конференција, државниот советник Стефан Ганзер изјави дека кантоналната противпожарна служба никогаш не добила извештаи за дефекти или неусогласености поврзани со зградата во која се наоѓал барот.

Сепак, бројот на извршени инспекции што го наведува сопственикот се чини недоволен според важечките прописи. Членот 8 од кантоналната уредба за превенција од пожари предвидува дека инспекциите мора да се вршат секоја година во објекти отворени за јавноста или оние што претставуваат посебен ризик.

– Општината е одговорна за инспекција на зградата и оваа инспекција мора да се врши годишно – изјави Ганзер, повторувајќи ја законската обврска.

Доколку се утврдат какви било дефекти, извештајот мора да биде доставен до надлежните институции. Според сознанијата на Ганзер, за барот „Констеласион“ во последниот период не бил издаден извештај што укажува на неправилности.

На прашањата на медиумите за извршените инспекции, општинските власти не одговориле, бидејќи административните служби се затворени поради празниците. Градоначалникот ги упатил новинарите да се обратат до полицијата.

Жак Морети и неговата сопруга биле сослушани во својство на „лица повикани да дадат информации“, статус кој не значи формално обвинение, но им ги гарантира правата на одбрана, вклучително и присуство на адвокат.

Според обвинителката на кантонот Вале, Беатрис Пилу, засега не е утврдено кој сноси кривична одговорност за трагедијата, ниту пак може да се потврди кога е извршена последната пожарна инспекција во објектот.

– Во моментов не постои утврдена кривична одговорност. Доколку тоа се промени, ќе биде отворена истрага за „предизвикување пожар од небрежност и убиство од небрежност“ – изјави Пилу.

Можете да прочитате

Голем број на регистрирани возила во Норвешка лани биле целосно електрични

128 новинари и медиумски работници се убиени во светот минатата година

Клоучек: Европа мора да биде подготвена за можен распад на Русија