
Обемот и вредноста на платежните трансакции растат и во текот на третиот квартал од 2025 година. Дигиталните начини на плаќања и понатаму бележат особено брз раст, со што се потврдува сѐ поголемата дигитализација и модернизација на плаќањата.
Во однос на плаќањата со кредитни трансфери, во споредба со истиот период од минатата година, нивниот број е зголемен за 7,0%, а вредноста за 15,3%, што упатува на зголемена активност и поголеми износи по извршена трансакција.
Електронските плаќања преку дигиталните канали остварија динамичен годишен раст од 19,0% кај бројот и 29,3% кај вредноста. Од вкупниот број платежни трансакции иницирани по електронски пат, 71,8% се извршени преку мобилни апликации, што ја потврдува главната улога на мобилното банкарство во секојдневните плаќања.
Истовремено, плаќањата со платежни картички во трговијата и натаму растат, па и во третиот квартал од 2025 година, бројот на трансакции е зголемен за 9,9%, а нивната вредност за 12,4%. Раст од 9,9% е забележан кај плаќањата на физичките продажни места, како и кај купувањето преку интернет 9,3%, што укажува на поширока и почеста употреба на картичките преку сите продажни канали.
Наведените движења потврдуваат дека корисниците сè повеќе ги прифаќаат електронските и картичните плаќања, придонесувајќи кон натамошен развој на платежниот екосистем.
До објавените податоци може да пристапите на следнава врска:
👉 Платежна статистика на Народната банка.


