
Основниот кривичен суд Скопје излезе со официјална реакција по повод најавениот протест на револтирани граѓани поради пресуда за сообраќајна несреќа со смртни последици.
– Основниот кривичен суд Скопје, целосно го почитува уставно загарантираното право и слобода за мирен собир како и правото на јавноста да го изрази своето мислење. Сепак, должни сме да ја потсетиме јавноста на основните начела врз кои се заснова судскиот систем.
Во однос на конкретниот случај за сообраќајната незгода кој е повод да биде најавен денешниот протест, истакнуваме дека пресудата е донесена во транспарентна постапка, каде обвинетиот, во присуство на својот бранител, доброволно ја призна вината. Признанието на вина е правен институт кој влијае на текот на постапката и одмерувањето на казната согласно Кривичниот законик.
Судот одлучува исклучиво врз основа на докази и законски одредби.
Изразување на незадоволство преку јавни собири е легитимно право на секој граѓанин, но било каков обид за притисок, не смеат и нема да влијаат врз независното судско одлучување. Судскиот систем предвидува правни механизми за незадоволните страни. Секоја странка која смета дека висината на изречената санкција не соодветствува со делото, има право на жалба до повисокиот суд. Тоа е единствениот легален пат за преиспитување на една пресуда.
Апелираме до учесниците на протестот на достоинствено и мирно однесување, со почит кон институцијата и вработените кои ги извршуваат своите работни задачи.
Целта на овој суд е и ќе остане неселективна правда и доследно спроведување на законите, стои во реакијата на Основниот кривичен суд Скопје.



