Утрински Весник
Македонија

Држела ќерка во раце и молела за помош, полицаецот и рекол дека „не е обучен за тоа“ сведочи Наунова

Img 8235.jpeg
Cevahir mall aerodrom pulsira vol 4 vfinal 300x300px baner

„Побарав помош од службените лица, полицајците кои стоеја околу мене. Еден од нив се сврти и ми рече: ’Јас не сум обучен за тоа‘.“

Оваа потресна и, како што вели, скандалозна реченица ја слушнала мајката Габриела Наунова додека во рацете ја држела својата ќерка Надица, очајно барајќи помош и спас пред дискотеката „Пулс“, по трагичниот настан што однесе човечки животи.

Наунова го потврди сведочењето на друга мајка – Ирена, опишувајќи ги драматичните моменти во кои, водена од очај, се обидела со голи раце да го сруши ѕидот кај женските тоалети, од каде, како што раскажа, се слушале крици за помош.

„Слушав викотници од левата страна, од кај женските вециња. Девојчиња се држеа на шипката и викаа: ’Дајте ни воздух!‘. Почнав да кршам со раце за да направам дупка да им влегува воздух. Како што кршев, некој ми подаде девојче – цело исцрнето, но живо“, сведочеше таа.

Најтешкиот момент, според нејзините зборови, следел веднаш потоа. Сопругот на Габриела влегол во самиот влез на објектот и успеал да ја извлече нивната ќерка.

„Второто девојче што ми го подадоа е тоа беше мојата ќерка. Очите ѝ беа отворени, мислев дека е само онесвестена. Почнав да ја шлакам со вода, но немаше никаква реакција“, раскажа Наунова низ солзи.

Токму во тие критични моменти, кога барала помош од полицајците – дали за реанимација, дали за итен транспорт – го добила одговорот дека „не се обучени“ за таква интервенција. Спасот, барем во обид, дошол од страна на Жарко, сопругот на сега починатата Моника, кој притрчал и помогнал Надица да биде пренесена во болница со неговото возило.

„Ја однесовме во болница и таму една медицинска сестра излезе и ни рече дека на Надица ѝ го вратиле пулсот. Веднаш отидов до таа соба – имаше еден прозорец од каде што се гледаше. Кога видов дека детето ми лежи само на креветот, без никој околу неа, мислев дека е кошмар, дека ќе се разбудам. Мислев дека тоа што ми се случува не е вистина“, сведочеше мајката.

Со тешки зборови таа го опиша и последниот момент на збогување:
„На никого не му посакувам да си го види своето дете мртво, на еден таков начин. Да има изгореници, да има трага од било што. Беше чиста како солза, уште парфемот ѝ мирисаше“.

Сведочењето на Габриела Наунова отвора сериозни прашања за подготвеноста, реакцијата и одговорноста на институциите во клучни моменти, кога секоја секунда може да значи разлика меѓу живот и смрт.

Можете да прочитате

ГП Евзони (Богородица) затворен за сообраќај на сите видови возила

Објавен првиот „Македонски етимолошки речник“, издание на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“

Заврши реконструкцијата на ГАК вредна 110 милиони денари, на Клиниката годинава родени над 4 000 бебиња