Утрински Весник
Македонија

Во мое присуство се распрашуваа дали ќе има полициска рација сведочеше Наунова

Whatsapp image 2025 11 19 at 09.34.54.jpeg
Cevahir mall aerodrom pulsira vol 4 vfinal 300x300px baner

„Како вие не се чувствувате виновни? Вие секогаш ќе бидете убијци на нашите деца во нашите очи!“

Со овие зборови, мајката Габриела Наунова денеска се сврте директно кон обвинителната клупа, предизвикувајќи громогласен аплауз од родителите и присутните во судницата, сцена која ретко се гледа во вакви постапки. Нејзиното сведочење беше исполнето со силни обвинувања, болка и гнев кон, како што рече, оние што имале должност да спречат трагедија, а тоа не го направиле.

Наунова ги обвини институциите и одговорните функционери за лицемерие, истакнувајќи дека токму тие кои требало да го затворат клубот „Пулс“, биле негови редовни гости. Таа остро го демантираше тврдењето дека надлежните не знаеле како работи дискотеката.

„Кога ги гледам инспекторите, градоначалниците, полицајците кои беа гости во дискотеката… Има слики и докази дека градоначалникот Ратко Димитровски бил присутен на отворањето и бил чест гостин таму. Кога ги гледавме нив внатре, никогаш не сме помислиле дека објектот работи нелегално,“ рече Наунова пред судот.

Во своето сведочење, таа изнесе и сериозно обвинување за можно протекување информации од полицијата кон сопствениците на локалот. Како што тврди, лично била сведок на разговор во кафулето „Класик“, кој, според неа, укажува дека дискотеката однапред знаела кога ќе има инспекциски контроли.

„Михајло, синот на газдата, во мое присуство ја праша Кристина: ‘Дали ќе има вечер рација?’, а таа му одговори. Јас тоа лично го слушнав“, изјави Наунова, посочувајќи дека ваквите разговори фрлаат тешка сенка врз работата на институциите.

Таа додаде дека дури по трагедијата родителите сфатиле дека „Пулс“ не бил само место за забава, туку, како што рече, „место за црни работи“.

„Бидејќи беше единствена дискотека во Кочани, таму излегуваа многумина и истите тие луѓе денес седат на овие столчиња“, заклучи Наунова, алудирајќи на блиската поврзаност на локалната елита со објектот.

Сведочењето на мајката повторно ги отвори прашањата за одговорноста, институционалните пропусти и можната заштита на нелегалното работење, прашања кои јавноста се уште ги очекува да добијат јасен и недвосмислен одговор.

Можете да прочитате

ГП Евзони (Богородица) затворен за сообраќај на сите видови возила

Објавен првиот „Македонски етимолошки речник“, издание на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“

Заврши реконструкцијата на ГАК вредна 110 милиони денари, на Клиниката годинава родени над 4 000 бебиња