Утрински Весник
Скопје

Мицкоски: Вкупно околу 110 милиони денари се вложени во ГАК, од кои 35 милиони се за реновирање

Ginekologija Gak.jpg
Cevahir mall aerodrom pulsira vol 4 vfinal 300x300px baner

Премиерот Мицкоски потврди дека за реконструкција и опрема на ГАК се вложени околу 110 милиони денари. Истакна дека проектот е реализиран без прекин на работата на објектот.

„Јас немам многу што да додадам на тоа што директорката и министерот го кажаа, освен да се заблагодарам на вработените во Клиниката и на директорката за посветената работа“, изјави Мицкоски.

Премиерот напомена и за почетоците на овој проект пред неколку месеци, каде имало сомнежи дали во краток рок може да се заврши сè и дали објектот ќе остане функционален и за време на реконструкцијата.

„Се поставуваа прашања дали функционалноста на самиот објект ќе продолжи и покрај реконструкцијата. Како што можеме да заклучиме, не само што продолжи, туку оваа година имаме повеќе родени бебиња од претходната година“, рече Мицкоски, честитајќи им на вработените.

Покрај медицинскиот дел, значајни биле и интервенциите во немедицинската инфраструктура и изградбата на настрешница пред објектот.

„Претходно не постоеше настрешницата и затоа имавме прокиснување во подрумскиот дел, каде што беше сместена енергетската мрежа, односно енергетскиот дел од објектот. Сега тоа е заштитено и, би рекол, со изградбата на оваа настрешница се спречени поголеми катастрофи“, изјави Мицкоски.

Тој рече дека во реновирањето биле вложени 34–35 милиони денари, а дополнителни 75 милиони денари биле издвоени за медицинска опрема.

„Вкупно, околу 110 милиони денари се вложени во оваа болница, во овој објект“, нагласи премиерот.

Мицкоски најави дека Владата ќе продолжи со инвестиции во јавното здравство.

„Нашата цел е да го јакнеме јавното здравство и граѓаните да добијат јавно здравство онакво какво што заслужуваат“, рече тој.

Премиерот се осврна и на демографските трендови, испраќајќи порака до младите за формирање семејства. Притоа, тој наведе дека политиката на Владата е про-лајф и ја илустрираше состојбата со статистика за намален број новородени.

„Од 2016 до 2024 година имаме 6.000 помалку родени бебиња. Ако една училница брои 20 ученици, тоа значи дека денес имаме околу 300 празни училници. Отприлика вака изгледа изумирање на една нација“, изјави Мицкоски.

Премиерот истакна дека љубовта кон татковината се покажува и преку личната одлука за родителство. На крајот, уште еднаш им се заблагодари на сите кои учествувале во реализацијата на проектот и изрази очекување секоја наредна година да биде подобра од претходната според бројот на новородени деца.

Можете да прочитате

Скопје започнува со подготовките за „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“

Возило излета во реката Треска во близина на Матка

Тепачка во угостителски објект во Аеродром