Утрински Весник
Македонија

Поради недостиг на мазут, ЕСМ бара прогласување кризна состојба со струјата

Img 3532.jpeg
Cevahir mall aerodrom pulsira vol 4 vfinal 300x300px baner

АД ЕСМ преку писмо побара од Владата да прогласи кризна состојба на пазарот со електрична енергија, поради отежнатата набавка на енергенси како последица на секојдневните блокади на грчките земјоделци. Информацијата ја објави ТВ Сител, а од Владата потврдија дека за дописот ќе се одлучува на владина седница идната недела.

Како што посочуваат од Владата, иницијативата за активирање на државните резерви произлегува од неможноста да се реализира набавката на мазут, неопходен за дел од производството на електрична и топлинска енергија. Причина за тоа се блокадите на граничните премини со Грција.

Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и претседател на Комисијата за енергетика во Собранието, Бојан Стојаноски, во гостување во Дневникот на ТВ Сител изјави дека доколку Владата одлучи да прогласи кризна состојба, парламентот ќе даде поддршка.

„Оваа кризна состојба се бара за да се овозможи Владата да ги отстапи државните резерви на компанијата, со цел таа да може да произведува струја и топлинска енергија сè додека не се реши проблемот со блокадите на граничните премини со соседна Грција, предизвикани од протестите на земјоделците“, рече Стојаноски.

Инаку, илјадници земјоделци во Грција веќе трета недела ги блокираат главните автопати и граничните премини. Тие бараат итна исплата на долговите од државата, гарантирани минимални откупни цени што ќе ги покриваат трошоците за производство, намалување на производствените трошоци, како и надомест за изгубениот приход во 2025 година за производите чии цени паднале под трошоците за производство.

Дополнително, земјоделците бараат запирање на масовниот увоз и лажно прикажување на странските земјоделски производи како домашни, зголемување на земјоделските пензии, како и политичка и кривична одговорност за корупцискиот скандал со европските земјоделски субвенции во рамки на ОПЕКЕПЕ, со враќање на средствата кај вистинските корисници.

Се очекува блокадите да продолжат и во текот на следната седмица, за време на празникот Божиќ.

Можете да прочитате

Стојаноски: Измените на Кривичниот законик се преодно решение за да се спречи амнестија на криминал во над 200 предмети

Претседателот на Собранието Гаши прими делегација предводена од претседателот на ТИКА Ерен

АМСМ: Блокиран патот Берово-Струмица поради собир, магла кај Ресен