
Данела Арсовска, екс – градоначалничката на Скопје, сподели дека не знаела дека треба да поднесе имотна состојба по престанокот на нејзиниот мандат. Арсовска вели дека не била известена за таквата обврска. Поранешната градоначалничка се најде на листата на Државната комисија за спречување на коруппцијата со имиња на поранешни и нови градоначалници кои не поднеле изјава за имотна состојба.
„Ве известувам дека денес 17.12.2015 година (среда) од медиумите дознав информација која сте ја пуштиле како соопштение дека согласно член 82 став 3 од наведениот закон, по престанокот на функцијата градоначалник, постои обврска за поднесување изјава за имотна состојба. Сите оние кои не се реизбрани и на кои им настанал престанок се најдоа на листата која сте ја лиферувале, а истото потекнува од очигледна неинформираност од ваша страна за постоење на таква обврска. Доколку ја извршувате вашата функција соодветно и доследно нема тенденциозно да покренувате јавен линч за деградација, бидејќи да сте биле професионални и да сте го застапувале законот, ќе не информиравте лично за обврската или со соопштение преку медиумите, ете баш на истиот начин на кој за жал настапивте за да си направите себепромоција дека не се поднесени изјави за престанок“, напиша Арсовска во порака до ДКСК која ја сподели и со медиумите.
Арсовска истакна дека ДКСК наместо да се заканува со прекршочни глоби, да сработи нешто околу мултимилионската корупција во земјава, и сериозните криминали кои се случуваат.
Арсовска вели дека очигледно сите 35 поранешни градоначалници кои не продолжуваат мандат не знаеле за постоењето на оваа одредба.
Таа додава дека нема никакви промени во нејзината имотна состојба.
„Да си ја вршите работата како треба и соработувате со институциите, на почетокот на мандатот ќе ги информирате за постоењето на обете обврски. Ве информирам дека со оваа изјава за имотна состојба и интереси по престанок на функцијата градоначалник ве информирам дека немам никакви промени согласно денот на завршување на мандатот“, пишува Арсовска.
Поранешната градоначалничка побара и одговори од ДКСК во врска со објавената листа.
„За крај, би сакала да ме информирате по писмен пат на овој е-маил, на кој начин ја креиравте листата која ја лиферувавте низ јавноста каде како број 1. сте го објавиле моето име и дали е истото сторено по азбучен ред, по возраст, по пол, по тоа кој е најсиромав или по ваше лично убедување како и кому најмногу да се осветите и да наштетите со Вашите небулози“, пишува Арсовска, која во електронската порака е потпишана како портпарол за етика и спречување на корупција на Конгресот на Совет на Европа.


