
Државната изборна комисија (ДИК) на денешната седница го утврди редоследот на гласачкото ливче за повторените локални избори што ќе се одржат на 11 јануари во општините Гостивар, Врапчиште, Центар Жупа и Маврово Ростуше. По спроведената јавна ждрепка, коалицијата ВРЕДИ ќе биде под реден број 1, коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ под број 2, НАИ под број 3, коалицијата предводена од СДСМ под број 4, група избирачи – подносител Зулхајрат Демири под број 5, а Демократската партија на Турците во Македонија под број 6.
Претседателот на ДИК, Борис Кондарко, информираше дека претходно општинските изборни комисии ги потврдиле кандидатските листи за повторените избори. На седницата беше донесена и одлука за објавување на описите на избирачките места, кои согласно законските обврски ќе бидат објавени на официјалната веб-страница на ДИК.
„Со цел, да се информираат граѓаните, да можат да го остварат своето право на глас, за избирачките места, иако во скоро време имавме избори, ова се повторени, локациите не се променети, но законската обврска е да го направиме и објавиме заради остварување на правата на граѓаните и навремено информирање за изборите на 11 јануари“, рече Кондарко.
ДИК го усвои и планот за едукација на избирачките одбори, која ќе ја спроведат седум сертифицирани обучувачи во четирите општини.
„Мора да ја поминат обуката од сертифицираните обучувачи, за таа цел, имаме определено седум обучувачи кои ќе ја спроведат едукацијата во четирите општини за секое избирачко мести и за секој избирачки одбор“, објаснија Кондарко и членот на ДИК, Дитмире Шеху.
На седницата беа утврдени и локациите за билборди и рекламни паноа за изборната кампања, како и одлука за исплата на надомест за ангажирани лица за толкување на знаковен јазик.
„ДИК навремено ги извршува сите подготовки за организација на повторените избори во четирите општини. И наредната седница ќе биде јавна“, кажа Кондарко.


