
Кабинетот на украинскиот претседател соопшти дека францускиот „Ле Монд“ погрешно ги интерпретирал изјавите на Михаил Подолјак, сугерирајќи дека Украина е подготвена да прифати демилитаризирана зона во Доњецкиот регион, пренесе Укринформ.
Советникот Дмитро Литвин нагласи дека ваква одлука може да ја донесе само највисокото украинско раководство или народот. Тој потсети дека претседателот Володимир Зеленски јасно кажал дека САД предложиле украинско повлекување од делови од Доњецк што сè уште се под контрола на Киев, како и воспоставување „слободна економска“ или „демилитаризирана“ зона.
Според Зеленски, предлогот предвидува украинските сили да се повлечат, а руските да не влегуваат во тој дел од регионот, што е неприфатливо за Киев, но разговорите продолжуваат. „Ле Монд“ претходно објави дека Украина е подготвена да се согласи на таква зона, што украинските власти го демантираат.


