Утрински Весник
Македонија

Општински и градски служби најавуваат затворање, организаторите тврдат – нема затворање на Зимзоленд!?

Img 2953.jpeg

Откако Општина Аеродром потврди дека ќе се отстранува забавниот парк „Зимзоленд“ во Лисиче, а скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски објави дека паркот речиси две недели работел без дозвола од Град Скопје, ситуацијата вечерва дополнително се заплетка. Организаторите на манифестацијата соопштија дека не е точно дека „Зимзоленд“ се затвора и дека ќе продолжат со работа.

„Во последните часови на одредени медиуми се појавија неточни информации и шпекулации дека Зимзоленд ќе биде затворен. Ве информираме дека ова не е точно“, порачаа организаторите во објава на социјалните мрежи.

Претходно, Државниот пазарен инспекторат и Агенцијата за храна и ветеринарство информираа дека во забавниот парк биле откриени низа пропусти, дел од нив од санитарна природа, како и дека организаторот воопшто не ја известил АХВ дека ќе се продава храна во рамки на паркот.

Градоначалникот Ѓорѓиевски, пак, објави на „Фејсбук“ дека Град Скопје немал издадено никаква дозвола за вршење дејност на оваа локација.

„Точно е дека во претходните денови имаше инспекциски надзори, но до надлежните служби беше доставена целосната и потребна документација. Нашата мисија останува иста – да создадеме магични моменти, радост и новогодишна атмосфера за сите деца и нашите драги семејства“, стои во вечерната реакција на организаторите, спротивна од она што денеска го изнесоа институциите.

Можете да прочитате

Големо празнично отворање: Ѓорѓиевски ги повикува граѓаните на заедничко осветлување

„Безбеден град“ се одложува – Новиот датум за старт е 1 февруари 2026

Напаѓачот на Инфомакс заврши во притвор