
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски објави дека утринава добил смс-порака за сторен сообраќаен прекршок додека со приватно возило одел кон Кавадарци каде што денеска се одржува партискиот Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ. Системот „Безбеден град“ констатирал прекршок и брзина на движење од 51 километар на час на место каде што е дозволена брзина од 50 километри на час.
„Ова е најдобрата илустрација за тоа како треба да функционира државата. Системот важи и постапува еднакво кон сите и ако регистрира прекршок – санкцијата следи, без разлика кој е во возилото. Нема исклучоци, нема селективност, нема привилегирани. Управувањето со возило е обврска, не привилегија. Целта на ‘Безбеден град’ не е казнување, туку ред, дисциплина и спасување човечки животи. Со алармантниот број на жртви на патиштата што го имаме, мора да покажеме личен пример и одговорност“, пишува Тошковски во објавата на Фејсбук.
Додава дека државата ќе биде посигурна само ако законите важат подеднакво за сите, вклучувајќи ги и оние кои се најодговорни за нивното спроведување.
Во прилог на објавата, министерот сподели и фотографија од записникот за сторениот сообраќаен прекршок.

Според записникот, прекршокот е направен на булеварот „Александар Македонски“ во правец од Ченто кон Хиподром во 9:42 часот утринава.
„Во населено место се движи со брзина до 10 км/ч над дозволената брзина. Измерена е брзина од 51 км/ч на локација каде што е дозволена брзина од 50 км/ч“,се наведува во записникот.


