
Група граѓани поднесоа обемна претставка до Уставниот суд на Република Северна Македонија со која бараат оценување на уставноста и законитоста на системот „Safe City“ што го користи Министерството за внатрешни работи. Паралелно со оваа иницијатива, поднесена е и кривична пријава до Основното јавно обвинителство и до Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција против министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и засега непознати службени лица.
Според подносителите, новиот модел за санкционирање сообраќајни прекршоци – кој предвидува испраќање прекршочни налози преку СМС пораки со линк до PDF документ – е незаконски, технички небезбеден и спротивен на повеќе уставни принципи. Тие наведуваат дека системот отвора сериозни прашања за заштита на приватноста, еднаквоста на граѓаните пред законот и правото на правична постапка.
Во претставката се посочува дека СМС-доставата подразбира задолжително користење смартфон, мобилен интернет и апликација за отворање PDF документи. „Ниту еден закон не го обврзува граѓанинот да поседува мобилен интернет или паметен уред,“ се вели во документот. Оттаму, дел од граѓаните може да бидат реално оневозможени да ја примат казната, да ја прегледаат нејзината содржина или да поднесат жалба.
Како дополнителен проблем се посочува задолжителното собирање телефонски броеви при регистрација на возила, со што се создава база што ги поврзува телефонските броеви со регистрираните возила — пракса која, според граѓаните, е спротивна на Законот за заштита на лични податоци и европската регулатива GDPR.
Подносителите реагираат и на селективната поставеност на фиксните камери, кои се инсталирани само во одредени градови, што, како што тврдат, создава нееднаква правна положба на граѓаните.
Техничките забелешки: „СМС не е безбедно средство за службена достава“
Во документите се нагласува дека СМС-пораките не обезбедуваат доказ за автентичност, потврда за идентитет на испраќачот, ниту сигурност за моментот на прием. Се посочува дека ваквата комуникација не ги исполнува европските стандарди утврдени со регулативата eIDAS и отвора простор за злоупотреби преку „spoofing“, фишинг и други облици на сајбер-напади.
Во кривичната пријава поднесена до обвинителството се тврди дека со воведувањето на системот е повредена законската рамка и се исполнети елементите на повеќе кривични дела: злоупотреба на службена положба, несовесно работење и неовластено собирање и обработка на лични податоци.
Граѓаните бараат Уставниот суд да поведе постапка и да ги укине сите акти и практики што го овозможуваат моделот на СМС-достава, како и да наложи итен прекин на користењето на „Safe City“ додека не се усогласи со Уставот и европските стандарди. Од Јавното обвинителство бараат да покрене кривична постапка и да ги обезбеди сите релевантни докази и документација од МВР.
Министерството за внатрешни работи засега нема дадено официјален коментар. Очекувањата се дека институциите ќе се произнесат во наредните денови.


