Утрински Весник
Македонија

Родителите со напад кон одбраната на Папазов, со извиците „Да му се извиниме ние!

Screenshot 2025 12 04 144752.jpg

„Емоциите се моќни, но тие не се доказ. Оваа постапка не смее да биде колективен гнев.“

Со овие зборови, бранителот на поранешниот градоначалник на Кочани, Љупчо Папазов, ја започна одбраната, но веднаш беше прекинат од бурни реакции на родителите на жртвите во судницата. На самиот почеток, кога адвокатот ја нагласи тезата за „правда“, од родителите се слушна: „Каква правда? Само за нашите деца нема правда!“

На крајот на неговиот говор, кога адвокатот го пофали Папазов за моралот, за тоа што учествувал во спасувањето и веднаш потоа поднел оставка, уследи иронично добафнување: „Да му се извиниме ние!“, по што судијката мораше строго да интервенира за да воспостави ред.

Адвокатот Мите Левков тврдеше дека Папазов е „колатерална штета“, издвоен како виновник единствено затоа што бил на функција во моментот на трагедијата. „Пропустите се системски и во нив учествувале повеќе лица, во повеќе години. Се суди на целиот систем, но законот бара индивидуална кривична одговорност,“ истакна тој.

Левков ја оспори логиката на Обвинителството, наведувајќи дека не може да се докаже дека Папазов знаел и намерно не постапил. „Градоначалникот не може сам да утврди техничка состојба во клубот. Ако се следи логиката на Обвинението, тогаш сите кои живееме во Македонија сме виновни, бидејќи сите сме дел од истиот систем,“ додаде тој.

Одбраната го нагласи и фактот дека Папазов активно учествувал во спасувањето на луѓето во кобната ноќ, а веднаш потоа поднел оставка. Според адвокатот, тоа не е акт на признавање вина, туку на политичка и морална одговорност. Тој инсистираше дека нема причинско-последична врска меѓу неговото постапување и настанувањето на пожарот.

Љупчо Папазов (49) се товари за кривично дело „Тешки дела против општата сигурност“, а обвинението го опфаќа периодот од ноември 2021 година до моментот на трагедијата, иако тој бил најкратко на функцијата од тројцата обвинети градоначалници.

Обвинението го терети дека не презел дејствија за санкционирање и затворање на „Пулс“, иако знаел дека објектот работи спротивно на Деталниот урбанистички план и претставува опасност за посетителите. Според обвинението, тој не наредил инспекција за утврдување дали се применуваат основните противпожарни мерки, а Општината продолжила да собира приходи од „Пулс“ и покрај нелегалната пренамена и недостатокот на безбедносни услови.

Можете да прочитате

На Клиниката за онкологија во Скопјe не се изработуваат анализи на тумор маркери, пропаднал тендерот

Учество на министерот Муцунски на состанокот на Министерскиот совет на ОБСЕ 

Пораст на заболените од грип во државава