Утрински Весник
Македонија

Одбраната тврди дека Градоначалникот не може да биде крив за пропустите на системот

Kocani puls sud .jpg12.jpg

„Во оваа судница недостасуваат голем број на лица кои треба да се обвинети.“

Со оваа реченица, Ангела Соколова, адвокатка на поранешниот градоначалник на Кочани, Ратко Димитровски, ја започна одбраната, нагласувајќи дека нејзиниот клиент е жртвено јагне за туѓи пропусти. Одбраната изнесе клучен доказ во корист на Димитровски – дека тој реагирал институционално уште на самиот почеток. „Ратко Димитровски напишал барање за утврдување на минимално-технички услови уште пред отпочнувањето на дискотеката ’Пулс‘. Тој никогаш не го повлекол тоа барање,“ истакна адвокатката.

Таа го постави прашањето до државните органи: „Зошто тоа барање останало нереализирано? Зошто системот дозволил клубот да продолжи да работи и го занемарил барањето на Ратко?“ Одбраната се повикува и на ненадлежност, истакнувајќи дека отворањето на дискотека или кабаре не е во надлежност на градоначалникот, туку на централната власт, односно Министерството за економија. „Преземени се сите дејствија, дури и оние кои не се предвидени за еден градоначалник. Со ваквите известувања од Општина Кочани се елиминираат сите кривични дела кои му се ставаат на товар,“ заклучи одбраната.

Ратко Димитровски, кој беше градоначалник на Кочани од 01.11.2009 до 25.10.2017 година, се товари за кривично дело „Тешки дела против општата сигурност“. Обвинителството го товари дека не почитувал ДУП, иако знаел дека „Пулс“ е во зона за лесна индустрија, а не за угостителство, но не презел дејствија за затворање на објектот; покажал институционална пасивност, не наредил на општинските инспектори да спроведат надзор и не изготвил годишни планови за инспекција засновани на ризик; не ги известил МВР, ДЗС или Пазарниот инспекторат дека објектот работи незаконски без употребна дозвола; и овозможил наплаќање на комунални такси од „Пулс“ (4.000 евра), од кои половина оделе во општинската каса, иако објектот работел спротивно на намената.

Одбраната инсистира дека Димитровски презел законски мерки и дека вината за пропустите лежи на системот, а не на него лично.

Можете да прочитате

Двајца крадци опљачкале објект за брзи кредити

СДСМ: Нервоза по објавените криминални скандали, Власта се нафрли врз младите кои ја шират вистината на Фејсбук

СВР Струмица поднесе кривична пријава против екс градоначалникот Костадинов