
Неговиот адвокат, Зоран Зафировски, ја оспори сржта на обвинението против Огњан Георгиев (68), поранешен градежен инспектор во Општина Кочани, тврдејќи дека градежните инспектори немаат овластувања какви што им припишува Обвинителството.
„Градежните инспектори немаат надлежност за контрола на ДУП или да затворат објект. Тие немале налог за вонреден надзор, ниту некој побарал тоа од нив,“ изјави Зафировски. Тој побара судот да утврди дали постои застареност на делото, имајќи предвид дека Георгиев бил инспектор во поодамнешниот период, и истакна дека делото не можело да биде сторено со умисла, туку само од невнимание или небрежност.
Одбраната тврди дека во „Пулс“ немало пренамена од деловен во станбен простор, туку од „деловен во деловен“, па инспекторот немал причина за интервенција.
Во судницата, Георгиев се обрати со невообичаена молба до обвинителството:
„Имам едно барање до ЈО, барам да ми се врати мојот мобилен телефон затоа што јас друг телефон немам и цело време го плаќам. Мојот телефон е ’чист‘ со гаранција, немам никакви доказни материјали, немав никакви контакти со обвинетите и едноставно мојот телефон е чист. Сè што беше одземено, заврши работата, сега барам да ми го вратат.“
Обвинението го товари Георгиев за „Тешки дела против општата сигурност“, тврдејќи дека знаел дека објектот се наоѓа во зона за „лесна индустрија“, но дозволил во него да се врши угостителска дејност спротивно на Деталниот урбанистички план. Обвинителството смета дека тој не извршил инспекциски надзор, не повел постапка за затворање на објектот или враќање во првобитна состојба и дека дејствувал со умисла.

