Утрински Весник
Спорт

Милевски упати благодарност до сите фудбалери, кои покажаа што значи да се игра за Македонија

20251203154633 big 730x400 90.webp.webp

Доскорешниот селектор на фудбалската репрезентација на Македонија, Благоја Милевски со соопштение се огласи откако неговиот договор со ФФМ заврши на 30 ноември.

Драги поддржувачи на македонската репрезентација,

Би сакал да изразам искрена благодарност до Фудбалската федерација на Македонија и до сите претседатели на нашата федерација, Илчо Ѓорѓиоски, Муамед Сејдини и Масар Омерагиќ, кои од 2014 година, обезбедуваа услови и поддршка што ни овозможија да постигнеме резултати вредни за историјата на македонскиот фудбал.

Посебна благодарност упатувам до претседателот Масар Омерагиќ за континуираната и јасна поддршка во изминатиот период. Таквите основи се неопходни за секој професионален процес да функционира стабилно. Во фудбалот, како и во секоја друга област.

Особено сум горд на нашите фудбалери. Нивната енергија, посветеност и упорност ни донесоа победи и резултати кои ќе останат во сеќавање. Тие покажаа што значи да се игра за Македонија и тоа ме исполнува со вистинска гордост.

Благодарен сум и на мојот стручен штаб, медицинскиот и логистичкиот тим за професионалноста и соработката. Секој од нив ја вршеше својата работа тивко и прецизно, како дел од една целина што мора да биде усогласена за да успее.

Чест ми беше да ја водам репрезентацијата и да бидам дел од овој заеднички труд. Јас и во иднина ќе бидам со репрезентацијата, со внимание, поддршка и почит, се вели во соопштението на Милевски.

Новиот селектор на македонскиот национален тим ќе биде избран во текот на овој месец, најдоцна до 25.декември.

Можете да прочитате

Халанд: Не очекував дека толку брзо ќе дојдам со 100-тиот гол

Лазаров повика 35 ракометари за подготовките за ЕП 2026

Љубослав Пенев се бори за живот