Утрински Весник
Македонија

Министерот Љутков го формираше Советот за туризам

Sovet za turizam 3.jpg

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска во Порта Македонија се обрати на конститутивнaта седница на Советот за туризам, стратешко и советодавно тело кое има значајна улога во обликувањето и креирањето на туристичката политика на Македонија, со цел унапредување на координацијата и обезбедување системска поддршка за одржлив раст и развој на туристичката индустрија.

Во своето обраќање, министерот Љутков ја истакна важноста на Советот како механизам за креирање современи, ефективни и одржливи туристички политики и мерки кои ќе испорачуваат конкретни резултати во интерес на туристичкиот сектор и економијата.

„Започнува новата ера во туризмот, а денешната конститутивна седница на Советот е потврда за тоа. Конституирањето на Советот значи дека најсложениот дел е зад нас. Воспоставивме функционални сектори за туризам, со јасна цел – да обезбедат ефикасно управување со туристичките дестинации и силна поддршка за стопанството”, рече министерот.

Тој ги нагласи актуелните предизвици со кои се соочува туристичката индустрија, потребата од модернизација на промотивните алатки, дигитализација, зајакнување на дестинацискиот менаџмент и поставување јасни стандарди за конкурентност.

„Од работата на Советот очекуваме и конкретни решенија кои ќе бидат во директна полза на сите чинители во туризмот. Предизвиците се големи и претстои доста работа, но верувам дека заедно можеме да постигнеме мерливи резултати во разумен временски рок. Верувам дека преку овој Совет ќе создадеме функционален механизам за координација, консултации и стратешко планирање што ќе ја насочи нашата работа во наредниот период”, дополни министерот Љутков.

Советот е составен од претставници на туристичките здруженија и асоцијации, високообразовните институции, ЗЕЛС, стопанските комори, како и експерти од областа на маркетингот, стратегискиот менаџмент и туризмот. За претседател на Советот беше избран Кристијан Џамбазовски, долгогодишен стопанственик со институционално искуство, кој ќе придонесе за поинтензивна и координирана соработка меѓу Советот и Министерството, со што ова тело и формално го започна својот мандат.

На седницата новиот претседател ја презентираше Предлог-програмата за промоција и поддршка на туризмот за 2026 година, документ кој опфаќа приоритетни активности, маркетинг-стратегии, интернационална промоција, развој на тематски туристички производи, унапредување на туристичката инфраструктура и зајакнување на капацитетите на локалните дестинации.

Со формирањето на Советот, Министерството ја зајакнува институционалната поддршка за туристичкиот сектор и создава услови за интегрирано, конкурентно и одржливо позиционирање на нашата земја на меѓународната туристичка мапа.

Можете да прочитате

Фетаи ќе ја претставува Владата на пленарната седница на Венецијанската комисија

Доделени решенија за вработување на 28 специјализанти во Клиничката болница Тетово

Петрушевски: Формирана Анкетната комисија за утврдување на околностите за трагедијата во Кочани и другите несреќи и трагедии