
Унгарската Влада не бара дозвола од Берлин или Брисел за своите одлуки, изјави шефот на унгарската дипломатија, Петер Сијарто. Тој коментираше дека посетата на премиерот Виктор Орбан на Москва била во согласност со националните интереси на Унгарија и отфрли критики дека земјата мора да се усогласува со Западна Европа.
Сијарто истакна дека Унгарија продолжува дипломатски контакти со Русија, земја која обезбедува значителен дел од енергијата на државата, и дека прекинот на тие канали би бил штетен.
„Не можеме да си дозволиме да ги прекинеме дипломатските канали со земјата од која добиваме голем дел од нашите енергетски резерви, а која, без разлика дали некому му се допаѓа или не, останува важен фактор во европската и глобалната безбедност“, истакна Сијарто.
Тој оцени дека европските критики за наводна изолација се неосновани, посочувајќи дека Орбан неодамна зборувал и во Вашингтон и во Москва. На крај, шефот на дипломатијата додаде дека европската политичка елита е фрустрирана бидејќи политиките на ЕУ не успеале да ја зачуваат нејзината улога во решавањето на континенталните конфликти.


