Утрински Весник
Македонија

Џејла Рамовиќ се огласи по инцидентот: Настапот беше прекинат по вина на организаторот, Македонија е земја што многу ја сакам и секогаш сакам да се враќам!

Img 20251201 wa0001.jpg

Пејачката Џејла Рамовиќ се огласи по инцидентот во Кичево, каде што беше приведена заедно со нејзиниот бенд поради наводен настап без работна дозвола, и објави дека веќе во петок се враќа во Скопје на нов настап.

Рамовиќ во својата изјава тврди дека целата документација за настапот била уредна и дека проблемот настанал по вина на организаторот, поради што полицијата ја прекинала вечерта неколку минути пред крајот. Таа им се извини на присутните што дошле да ја слушаат и нагласи дека ситуацијата била надвор од нејзина контрола.

– Сакам да нагласам дека од моја страна и од страна на мојот бенд, сите потребни документи и дозволи за настапот во Кичево беа правилно подготвени и доставени до организаторот, со целосната постапка што редовно ја следиме кога доаѓаме во Македонија – вели Рамовиќ.

Таа додава дека организаторот ја уверил дека ги добил сите преостанати дозволи и дејствувал согласно договорот.

– И покрај ова, настапот беше прекинат неколку минути пред крајот, наводно поради недостаток на работни дозволи, иако нашата документација беше целосно во ред. Жал ми е за непријатностите што ги доживеаја сите што дојдоа на мојот настап. Ситуацијата се појави од причини на кои не можев да влијаам на никаков начин, ниту пак е вина на мојот тим и мене – изјави пејачката.

Рамовиќ повтори дека инцидентот нема да влијае на нејзината врска со македонската публика.

– Македонија е земја што многу ја сакам и секогаш сакам да се враќам. Исто ќе биде и сега, бидејќи веќе се дружиме во петок во Скопје – порача таа.

Инцидентот се случил во ноќта меѓу 29 и 30 ноември, кога полициски службеници од ОВР Кичево и РЦГР Запад влегле во угостителски објект каде настапувала Рамовиќ.

При контролата било утврдено дека таа и нејзиниот бенд настапуваат без потребната работна дозвола, по што биле приведени за натамошна постапка.

– Во објектот биле затекнати пејачката Џејла Рамовиќ (23) и нејзиниот бенд – К.Џ. (27), Е.П. (25), Ф.Ј. (28) и И.К. (24), сите државјани на Босна и Херцеговина. Според полицијата, групата работела без обезбедена работна дозвола, што претставува прекршок според Законот за странци – информираат од СВР Охрид.

Случајот е пријавен до Основниот суд во Кичево, а против уметниците е поднесена прекршочна пријава.

Можете да прочитате

Мицкоски: Мојот нов мандат како претседател на ВМРО-ДПМНЕ ќе го посветам на подобар живот и услови за секој граѓанин

Полицијата уапси 44-годишен охриѓанец, кој тешко повредил сограѓанин

Kонтрола во угостителски објект во Свети Николе, затекнати 26 малолетници после 24:00 часот