
Спасувачките екипи од Индонезија, Тајланд, Малезија и Шри Ланка се обидуваат да ги расчистат патиштата и да достават хуманитарна помош до населението погодено од тропската бура што однесе повеќе од 1.000 животи во Југоисточна и Јужна Азија.
Индонезија, Малезија и Тајланд беа погодени од ретка тропска бура формирана во Малачкиот Проток, која една недела предизвикуваше обилни дождови и силни ветришта. Најмалку 176 лица загинаа во Тајланд, тројца во Малезија, а бројот на жртвите во Индонезија денеска се искачи на 502, додека 508 лица се водат како исчезнати, според официјалните податоци.
Во индонезиската провинција Западна Суматра, денеска стотици жители расчистуваа кал, дрвја и урнатини од патиштата, а дел од населението се обидуваше да спаси важни предмети како документи и мотоцикли од разурнатите домови.
Агенцијата за управување со катастрофи соопшти дека во Индонезија се оштетени повеќе од 28.000 домови, а засегнати се околу 1,4 милиони лица. Во Шри Ланка бројот на загинати се искачи на 355, а се трага по уште 366 лица, покажуваат официјалните податоци.
Во Тајланд бројот на загинати денеска благо порасна на 176 во поплавите што зафатија осум јужни покраини, погодувајќи околу три милиони луѓе. Армијата мобилизира голем број припадници за евакуација на критични пациенти од болници и помош за жителите кои со денови беа блокирани од поплавите.


