Утрински Весник
Македонија

Газдата на „Дурмо Турс“ повторно на операција, вториот тестис го одложи влегувањето во Идризово

Avtobus 6.jpg

Сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, кој денеска требаше да се јави во затворот Идризово за да ја започне десетгодишната затворска казна за автобуската несреќа кај Ласкарци, наместо тоа заминал на операција во тетовската болница. Информацијата за „Вечер“ ја потврди судијата за извршување санкции од Гостивар, кој лично го проверил терминот за интервенцијата.

„Докторот ме увери дека по пациентката која е закажана пред него, Белули е следниот за операција,“ изјави судијата. Тој по трет пат го одложува влегувањето во затвор на Белули – прво поради операција на кила на едниот тестис, потоа поради компликации, а сега поради хируршки зафат на другиот. Според судијата, постои валидна медицинска документација и законска основа за ново одложување.

„Санкцијата се одложува за 15 дена, иако беше побарано 20 до 30 дена опоравување,“ додаде тој.

На прашањето за можност Белули да побегне, како што тоа го направи управителот на возниот парк на „Дурмо турс“, Ремзи Мифтари – кој исто така одложуваше поради идентична операција и сега е недостапен – судијата посочи дека за тоа е надлежна полицијата.

И Белули и Мифтари имаат правосилни пресуди од 9 мај годинава за трагедијата кај Ласкарци, во која загинаа 16 лица, а уште 30 беа повредени. Апелација ја зголеми казната на Белули од четири на десет години, а на Мифтари од шест на десет години затвор. И двајцата сè уште не се јавиле на издржување на затворската казна.

Можете да прочитате

ДПМНЕ да ги гледа своите редови, со новите бомби ќе има што да се чисти, велат од СДСМ

Од утре облачно време и локални врнежи од дожд

Вработените во железница излегоа на протест