Утрински Весник
Балкан

Ердоган го пофали ставот на папата Лав за палестинското прашање

20251127182800 big 730x400 84.webp.webp

Турскиот претседател Таип Ердоган денеска го пофали ставот на папата Лав за палестинското прашање по состанокот во Анкара и изрази надеж дека неговата прва странска посета како католички лидер во време на тензии и неизвесност ќе му користи на човештвото.

– Го пофалуваме проникливиот став (на папата) за палестинското прашање, рече Ердоган во обраќањето до Лав XIV и политичките и религиозните лидери во претседателската библиотека во Анкара.

– Нашиот долг кон палестинскиот народ е правдата, а основата на тоа е итно спроведување на визијата за решение со две држави врз основа на границите од 1967 година. Слично на тоа, зачувувањето на историскиот статус на Ерусалим е клучно, рече Ердоган.

Лав се сретна со израелскиот претседател Исак Херцог во Ватикан во септември и разговараа за „трагичната ситуација“ во Газа.

Обраќајќи се кон Ердоган, папата Лав ја изрази својата благодарност за топлото добредојде што му беше упатено.

Тој зборуваше за Турција како земја „неразделно поврзана со потеклото на христијанството“, но и „земја што ги повикува сите деца на Авраам, муслимани, христијани и Евреи, да ја препознаат различноста не како поделба, туку како пат кон братство“, објави „Ватикан Њуз“ (Vatican News).

– Во свет оптоварен со поларизација и екстремни ставови, општествата ризикуваат фрагментација, предупреди Папата.

Тој изрази жалење што светот е невообичаено полн со крвави конфликти, предупредувајќи за време на своето прво патување надвор од Италија дека третата светска војна „се води во делови“ со иднината на човештвото во опасност.

Во својот прв говор во странство по неговиот избор во мај за поглавар на Црквата со 1,4 милијарди членови, Лав, првиот американски папа, рече дека светот е дестабилизиран од „амбиции и избори што ја газат правдата и мирот“.

Тој им рече на политичките лидери во Турција, каде што е во посета до недела, дека светот доживува „зголемено ниво на конфликт на глобално ниво, поттикнато од преовладувачките стратегии на економска и воена моќ“.

– Не смееме да попуштиме на ова на никаков начин, иднината на човештвото е во прашање, рече папата.

Турција е првичната дестинацијата на првото апостолско патување на Папата, кое го вклучува и Либан, а по повод одбележувањето на 1700-годишнината од Никејскиот собор.

Можете да прочитате

За уривање на облакодерот на „Вјесник“ ќе бидат потребни стотици килограми експлозив

Од укинувањето на безвизниот режим, речиси 9.000 турски државјани ја напуштиле Црна Гора

Уапсени двајца Грци за фалсификувани уметнички дела – запленети над 450 слики