
Од крајот на октомври, кога црногорската Влада на Милојко Спајиќ (Движење Европа сега) привремено воведе визи за државјаните на Турција, скоро 9.000 турски државјани ја напуштиле Црна Гора, додека во истиот период биле одобрени само 194 барања за издавање визи.
Министерството за внатрешни работи соопшти за весникот „Вијести“ дека од 27 октомври до 26 ноември, Црна Гора ја напуштиле 8.935 турски државјани.
Од Министерството за надворешни работи наведоа дека од 30 октомври, кога стапи во сила одлуката за привремено воведување визи, биле процесирани 320 барања. Од нив, 194 барања биле одобрени, 29 одбиени, а 97 се во процедура.
Повод за Владата да го укине безвизниот режим со Турција беше инцидентот што се случи на 25 октомври во Подгорица, кога беше ранет еден граѓанин. Иако полицијата првично тврдеше дека во ранувањето учествувале државјанин на Турција и Азербејџан, подоцна се покажа дека нападот наводно го извршиле двајца државјани на Азербејџан.
Дел од јавноста ја критикуваше одлуката, истакнувајќи дека таа е резултат на избрзан популизам и дека Владата подлегнала на ксенофобичната атмосфера во државата.
Овој потег предизвика загриженост и на економски план, со оглед на тоа што Турците се најголеми инвеститори во Црна Гора, учествуваат со пет отсто во туризмот и се сопственици на 20 отсто од фирмите во земјата.
Шефот на дипломатијата, Ервин Ибрахимовиќ (Бошњачка партија), на 17 ноември изјави дека верува оти визите за турските државјани ќе бидат укинати за 10 до 15 дена. Тој тогаш додаде дека Црна Гора мора да ја усогласи својата визна политика со визната политика на Европската Унија до крајот на 2026 година. Сепак, ниту од неговиот ресор, ниту од кабинетот на премиерот Спајиќ не одговорија на прашањето на „Вијести“ кога точно визите ќе бидат укинати.


