Утрински Весник
Македонија

Синот на премиерот Мицкоски меѓу потешко затруените ученици во ОУ „Димо Хаџи Димов“

Oou dimo hadzi dimov 1024x461 1.jpg

Помалиот син на македонскиот премиер Христијан Мицкоски, Антониј, е меѓу потешко затруените ученици од скопското основно училиште „Димо Хаџи Димов“ во населбата Влае, објави „НетПрес“. Според информациите, тој бил хоспитализиран и веќе два дена се наоѓа во болница со симптоми на труење и зголемена телесна температура. Во моментов, неговата здравствена состојба е стабилизирана и подобрена.

По утринското известување дека поголем број ученици пријавиле стомачни болки, инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), во координација со Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) и Центарот за јавно здравје, спроведуваат вонреден инспекциски надзор во училишната кујна. Кујната е привремено затворена додека се утврдува можниот извор на труењето.

Според Националниот протокол, ќе се спроведе епидемиолошка анкета и ќе бидат земени мостри од храната, работните површини, приборот и опремата за лабораториско тестирање. АХВ соопшти дека по завршувањето на контролата, јавноста ќе биде информирана за утврдените активности и изречените мерки.

Екипа составена од техничар и епидемиолог од Институтот за јавно здравје и натаму е на терен во ОУ „Димо Хаџи Димов“. Директорката на ИЈЗ, Марија Андоновска, изјави дека се земени брисеви од раце, нос и грло на вработените во кујната, како и брисеви од работните површини. Земени се и мостри од храната што ја консумирале учениците, а на инсистирање на Институтот земени се и мостри од водата.

„Јас сум во постојана комуникација со нашиот тим на терен. Екипата сè уште не се вратила за да можеме да добиеме поконкретни информации, но веднаш е постапено по сите протоколи. Земени се мостри од буквално сè што е од интерес – брисеви од луѓето што работат во кујната, од раце, грло и нос, како и од работните површини и храната што ја консумирале децата. На наше инсистирање земавме и мостри од водата“, изјави Андоновска.

Институциите најавуваат дека по завршувањето на анализите ќе бидат објавени официјалните резултати.

Можете да прочитате

Запалени две возила во сопственост на адвокатот Асмир Алиспахиќ

Трансплантацијата спасува животи: Панел во Гостивар за унапредување на органодарителството

Наизменичен сообраќај на патот Прилеп–Градско по претходниот прекин