Утрински Весник
Свет

Советник на Путин ги негира преговорите во Абу Даби за нацрт-мировниот план

Putin.webp.webp

Советникот на Кремљ, Јуриј Ушаков, ги негираше извештаите за наводни преговори во Абу Даби за нацрт-мировниот договор за Украина, кој бил поддржан од САД, пренесува ДПА.

Тој нагласи дека мировниот план не бил дискутиран во Абу Даби, според извадок од интервјуто објавено денеска на Телеграм каналот на Павел Сарубин, дописник на државната телевизија во Кремљ. Ушаков, кој е советник за надворешна политика на рускиот претседател Владимир Путин, истакна дека новиот предлог за мировен договор, претставен минатата недела од администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, сè уште не бил детално разгледан со Русија.

Тој потсети дека неколку медиуми претходно јавија дека американски претставници се сретнале со руска делегација во Абу Даби, но нагласи дека тоа не значи дека бил разгледан самиот мировен план. Советникот објасни дека претставници на руските и украинските тајни служби редовно се среќаваат во Обединетите Арапски Емирати за разговори за прашања како што е размената на затвореници.

На неодамнешната средба, според Ушаков, „новиот американски претставник“ бил присутен и разговарал со Русите „сосема неочекувано“. Според ДПА, тој најверојатно мислел на шефот на Пентагон, Даниел Дрискол, кој е клучна фигура во преговорите и минатата недела ги претстави деталите од американскиот предлог во Киев.

Со ова, Ушаков ја потврди позицијата на Кремљ дека, иако постојат контакти и разговори за одредени практични прашања, официјален американски мировен предлог сè уште не е предмет на преговори со Русија.

Неговите изјави доаѓаат во контекст на зголемено внимание на меѓународната заедница околу можностите за завршување на конфликтот во Украина и се обид за јасно одвојување на редовните безбедносни контакти од официјалните мировни преговори.

Можете да прочитате

13 лица загинаа во пожарот во Хонг Конг

Саркози осуден за незаконско финансирање на кампања

Турски новинар доби затворска казна поради наводна закана кон Ердоган