
Владата ги презема сите чекори за ставање во функција на продуктоводот, којшто со години не е во функција – истакна денеска премиерот Христијан Мицкоски, кој одговараше на прашање дали се следи состојбата во соседна Србија со нафтените деривати, како и кога ќе стартува продуктоводот со што би можело да се снабдува јужна Србија со нафтени деривати и државата да заработи пари. Претседателот на Владата, Мицкоски посочи дека како Влада ја разгледуваат секоја можност, но како што вели, „ние како Влада не сме Ационерско друштво, за да ја снабдуваме јужна Србија или другите земји во регионот“.
-Тоа го прават приватни компании, коишто водат бизнис. Ние како држава ги спроведуваме сите чекори тој продуктовод, којшто долги години беше уништуван и којшто беше конзервиран, да биде ставен во функција. Траат испитувањата, мислам дека е веќе завршено. Треба да почнат пробите на притисок, ако не се веќе и почнати. Знам на Влада помина и ценовникот. Така што очекувам оваа година тој продуктовод да биде ставен во функција – изјави Мицкоски.
Тој посочи дека по ставањето во функција на продуктовод од Солун до Скопје компаниите се тие кои доколку најдат интерес да го користат, бидејќи како Влада не можат да го водат бизнисот на сметка на приватните компании или акционерски друштва.

