
Аца Лукас се огласи по синоќешниот прекинат настап во Кавадарци, каде полицијата го приведе во станица поради, како што беше соопштено, непријавен и нерегуларен концерт. Пејачот во обемна изјава тврди дека целата акција била лично насочена кон него и неговиот тим, а не резултат на административен пропуст.
„Врвот на власта во Македонија сакаше да бидам приведен! Судијата ми се извини во име на македонскиот народ. Ја сакам Македонија, но таму нема да настапуваме затоа што не сме безбедни,“ изјави Лукас.
Според него, настапот бил при самиот крај кога полицијата влегла во локалот и го прекинала концертот.
„Не сум уапсен, отидов со сопствено возило. Во станицата ми рекоа дека настапот не бил регуларен, дека не бил пријавен, иако неколку дена претходно испратив копија од пасош – како што секогаш правиме,“ наведува тој.
Пејачот додава дека целиот бенд бил на бина, но само тој бил спроведен во полициската станица.
„Имам сознание дека ова е направено лично и дека има врска и со луѓе од моето најблиско опкружување и со врвот на македонската власт,“ тврди Лукас.
Тој смета дека доколку имало неправилности, надлежните требало да реагираат пред настапот, а не пред „2000 луѓе и кусур“.
„Ова е како да знаете дека некој доаѓа да убие некого, а вие да реагирате дури после тоа. Сè е јасно,“ порача пејачот.
Според неговите зборови, во полициската станица поминал цела ноќ, без дозвола да се врати во хотел, а утрото чекал судија за прекршоци. Тој вели дека полицајците биле коректни и дека дури добил извинување.
„Еден човек од судот ми рече: ‘Може ли да ви се извинам во име на македонскиот народ’. Нема потреба – народот е прекрасен. Проблемот е кој го води,“ изјави Лукас.
Пејачот најави дека сериозно ќе размисли дали воопшто ќе настапува во Македонија „додека овие луѓе се на тие позиции“, бидејќи, како што вели, се чувствува небезбедно.
„Ова нема да остане неразјаснето. Ќе објавиме сè кога ќе бидеме сигурни. Не се плашиме од никого,“ додаде тој.


