
Шокантен случај на насилство меѓу малолетници во Штип отвори сериозни прашања за постапувањето на институциите. Според информациите објавени од Порталикс, таткото на претепаното девојче тврди дека обвинителката Татјана Кацарова се обидела да го разубеди да не го продолжи случајот.
На видеото што кружи на социјалните мрежи јасно се гледа како група малолетнички брутално напаѓаат своја врсничка.
И покрај тоа, обвинителката наводно му рекла на таткото дека „немало доволно докази“, бидејќи снимката била направена со мобилен телефон од друго дете. Дополнително, според неговите тврдења, му било посочено дека лекарската документација за повредите на неговата ќерка била „стара“, иако тој вели дека таа е извадена само неколку дена по инцидентот.
„Ми рече да не се надевам на некаков резултат. Но јас ќе одам до крај. Мора да има правда за моето дете,“ изјави таткото.
Семејството вели дека наместо институционална поддршка добива обесхрабрување. Адвокатката Маја Ристова нагласува дека, покрај насилничките, и родителите на сторителките треба да понесат одговорност.
Од Основното јавно обвинителство во Штип засега нема официјална реакција по случајот.


