
Во сезоната на настинки и болки во грлото, многумина бараат природен начин за зајакнување на имунитетот и побрзо закрепнување.
Наместо класични лекови, сè повеќе луѓе посегнуваат по топли пијалаци кои комбинираат едноставни, но ефикасни состојки. Еден од нив се издвојува затоа што обезбедува моментално олеснување за грлото, а во исто време помага во намалување на воспалението во телото. Експертите се согласуваат дека овој пијалак може да биде корисен додаток на вашата дневна рутина.
Потребни се само три состојки за да се подготви – ѓумбир, лимон и мед. Комбинацијата на овие состојки е позната по своето антиинфламаторно дејство и способност за зајакнување на имунолошкиот систем. Ѓумбирот се вари во вода десет минути, потоа се цеди, а пијалокот се збогатува со свеж сок од лимон и лажица мед. Резултатот е ароматичен и смирувачки пијалок кој помага при болки во грлото и чувство на исцрпеност.
Според различни експерти, ѓумбирот има антиоксидантни, антиинфламаторни и антимикробни својства кои може да ги ублажат симптомите на воспаление, гадење и проблеми со варењето. Исто така, може да помогне во зајакнувањето на имунитетот, благодарение на соединенијата кои имаат антибактериски и антивирусни својства. Лимонот, од друга страна, содржи голема количина на витамин Ц, кој му помага на телото да се бори против инфекциите, додека медот носи природна сладост и благ антисептички ефект.
Заедно, овие состојки создаваат пијалок кој не само што ги ублажува непријатните симптоми, туку и го поддржува здравјето на целото тело. Редовното консумирање топол пијалак направен од ѓумбир, лимон и мед може да му помогне на телото полесно да се справи со воспалението и заморот, особено во постудените месеци.
Сепак, иако е природен пијалак, експертите препорачуваат умереност. Ѓумбирот може да биде премногу интензивен ако се консумира во големи количини, па затоа се препорачува максимум една до две чаши дневно. Луѓето кои земаат разредувачи на крв, имаат проблеми со желудочната киселина или висок крвен притисок треба да се консултираат со лекар пред редовно консумирање. Бремените жени и доилките исто така треба да го ограничат внесувањето на силни пијалаци од ѓумбир.


