
Полицијата во Тајланд уапси двајца мажи откако при претрес на пикап камион откри десетици мајмуни затворени во мрежести кеси, како и количина метамфетамин. Ова беше само еден од двата случаи во кои властите за еден ден – на 14 ноември – спасија вкупно 143 мајмуни од шверцери на диви животни, објави CNN.
Два случаи во еден ден
Во првиот инцидент, чуварите патролирале во округот Клонг Хат кога слушнале „необични животински звуци“ што доаѓале од поле со шеќерна трска. По претресот, тимот од Одделот за национални паркови, див свет и заштита на растенијата (DNP) пронашол 10 пластични корпи со 62 долгоопашести макаки – 44 мажјаци и 18 женки – врзани во сини најлонски мрежести кеси. Животните биле во тешка состојба и веднаш биле префрлени во локален центар за спасување.
Подоцна истиот ден, во соседниот округ Арањапрат, чуварите забележале двајца мажи како истоваруваат сини мрежести кеси од пикап камион. По кратка брканица, полицијата уапсила двајца тајландски државјани. Во возилото биле пронајдени 81 долгоопашест макак – 30 мажјаци и 51 женка – исто така спакувани во мрежести кеси. Покрај животните, бил пронајден и метамфетамин. И овие мајмуни беа транспортирани на безбедно место.
Центар на нелегална трговија
Тајланд е меѓународно познат центар за шверц со диви животни – индустрија вредна меѓу 7,8 и 10 милијарди долари годишно. Долгоопашестите макаки, вид роден во Југоисточна Азија, често се мета на шверцерите поради нивната генетска сличност со луѓето и честата употреба во развојот на нови медикаменти. Видот е класифициран како загрозен од Меѓународната унија за зачувување на природата.
Обвинувања и реакции на властите
Уапсените се соочуваат со обвиненија за поседување и трговија со заштитени диви животни без дозвола, како и за поседување и консумирање дрога. Според полицијата, осомничените признале дека биле ангажирани да ги транспортираат мајмуните во Камбоџа.
„Откривањето на последователни вакви случаи потврдува дека граничната област останува цел на шверцерските мрежи, особено за долгоопашестите макаки кои се многу барани на меѓународниот пазар“, изјави Сомруек Супамиткрисана, директор на Одделот за заштита на дивите животни.
Се почести обиди за шверц
Ова не е изолиран инцидент. Порано годинава, полицијата уапси маж кој превезувал две бебиња орангутани во корпа. Лани, Тајланд врати речиси 1.000 загрозени желки и лемури во Мјанмар по голема акција против шверцот. Во март 2024 година, на аеродромот во Бангкок беше пронајдена загрозена црвена панда во багаж наменет за Мумбаи, заедно со уште 86 животни.
Актуелните случаи само го потврдуваат растечкиот проблем со нелегалната трговија со диви животни во регионот – бизнис што сè почесто го таргетира Југоисточна Азија.

