
Институциите при Министерството за финансии ги почнаа контролите на ИПАРД 2 и ќе се воведат контролни механизми за да се зајакне процесот – изјави министерот за земјоделство Цветан Трипуновски кој денеска беше во Тутунскиот комбинат Прилеп пред почетокот на откупот на тутунот.
Од денеска, како што кажа, нов директор на платежната агенција е Даниела Лазарова Иротова, поранешен државен советник во Министерството за земјоделство која ќе ги движи процесите во Агенцијата за да нема паника кај земјоделците.
-На последната владина седница минатата недела назначен е нов директор на Платежната агенција кој од денеска стапува на должност и ќе ги движи процесите во нормален тек за да не се појави паника или загриженост кај земјоделците, туку ќе продолжиме со тековно работење на Агенцијата. Новиот директор е Даниела Лазарова Иротова, поранешен државен советник во Министерството за земјоделство – образложи министерот за земјоделство Цветан Трипуновски.
Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на претходно го разреши Илија Стоилев од местото претседател на Општинскиот комитет на партијата во Свети Николе.
Стоилев е директор на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, кој е осомничен за примање поткуп. Случајот стана видлив во јавноста откако Обвинителството соопшти дека по серија претреси на повеќе локации низ земјава, привеле петмина осомничени за поткуп.

